Пекинг се противи на заземање страна во руската инвазија на Украина, им рекол кинескиот премиер Ли Кечијанг на претставниците на Европската унија.
Ли на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку видео врска им кажа дека Кина се противи на поделбата на блокови и заземање страни, изјавил кинескиот дипломат.
Кинескиот премиер одговорил на барањето на Европската унија на самитот ЕУ-Кина, Кина да го искористи своето влијание и да помогне да се стави крај на конфликтот во Украина.
„Кина и ЕУ имаат взаемна одговорност да го искористат своето заедничко влијание и дипломатија за ставање крај на руската војна во Украина“, напишал Мишел на „Твитер“ за време на паузата од разговорите.
Ли Кечијанг им рекол на лидерите на Европската унија дека Кина се залага за мировни преговори во Украина на свој начин, објави државната телевизија CCTV.
Тој повторил дека Кина е посветена на зачувување на меѓународното право и меѓународните норми, вклучително и територијалниот интегритет на сите земји, објави CCTV.