Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор на синоќешното доделување на Греми наградите и побара поддршка од целиот свет за да запре руската инвазија на Украина. Ова се случи една недела откако организаторите на оскарите одбија да пуштат снимена видео-порака во која тој апелира за помош и мир.
„Нашите музичари носат панцири наместо смокинг. Им пеат на ранетите во болниците, дури и на оние што не ги слушаат. Што е спротивно на музиката? Тишината на уништените градови и убиените луѓе. Пополнете ја тишината со вашата музика. Пополнете ја денес, за да ја раскажете нашата приказна. Поддржете нè на кој било начин. На кој било начин, но не со тишина,“ рече Зеленски на снимката што беше снимена однапред, па го најави настапот на американскиот пејач Џон Леџенд и украинската поетеса Љуба Јакимчук.
Пред церемонијата, организаторите на Греми наградите започнаа кампања на социјалните мрежи наречена „Ајде да застанеме со Украина“ со цел да се соберат пари и да се обезбеди поддршка за време на хуманитарната криза.