Рускиот олигарх Роман Абрамовиќ ги молел своите моќни пријатели од Холивуд и американски брокери, да му позајмат по милион евра, за да се врател на нозе, пишува Page Six.
Русинот се најде во големи финансиски проблеми, откако властите од западните земји му ги замрзнаа сите средства и имоти во САД и Велика Британија.
Поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Челзи наводно бил очаен и молел за помош за да може да продолжи да ги подмири своите тековни трошоци кои изнесуваат околу 660.000 евра, кои вклучуваат и одржување на неговите јахти.
Иако Абрамовиќ на своите јахти има угостено многу познати ѕвезди низ годините, тој има и блиски моќни пријатели во „Вол Стрит“, „Холивуд“, но и во технолошкиот свет. Светските медиуми пренесоа дека и тие се загрижени за него и размислуваат дали да му позајмат толку пари.
Абрамовиќ јавно изрази желба за мир меѓу Русија и Украина, но како што пренесоа некои од медиумите, тоа не е нешто што на неговите пријатели премногу им значи.
„Ромаб бара од некои од своите најблиски пријатели да му позајмат околу милион евра. Им вели дека никогаш не задоцнил или заборавил да им плати на луѓето кои работат за него и дека сега тоа не може да го исполни, затоа што средствата му се замрзнати“, откри извор за Page Six.
„Тој побарал пари од продуцентот и режисер Брет Ратнер и семејството Ротшилд како и од бројни други моќни пријатели. Иако со сите нив тој е во добри односи, многу од нив не сакаа да му помогнат. Некои и немаат толку пари, а некои се плашат од последиците од меѓународното право“, додаде изворот.
Режисерот Ратнер одбил да ја коментира состојбата на Абрамовиќ, а семејството Ротшилд засега не било достапно за коментар. Никој од нив досега му нема позајмено пари на Роман.
Според наводите на „Блумберг“, Велика Британија и Европската Унија го санкционираа Абрамовиќ и му го замрзнаа богатството од 14,3 милијарди долари. Му беше замрзнат и имотот во американските хеџ-фондови.
Во меѓувреме, Абрамович направи сè за да неговите сметки и натаму останат функционални. Тој се вклучи во мировните преговори со Украина за да се запре руската инвазија врз земјата.
Се пишуваше и дека на преговорите бил поканет од Украинците, бидејќи тие сметаат дека има директна врска со Владимир Путин, нешто што тој го негираше.