Во банка уште не ни веруваат дека сме добиле пола милион долари: Интервју со македонските студентите кои добија поддршка од Редит

Во банка уште не ни веруваат дека сме добиле пола милион долари: Интервју со македонските студентите кои добија поддршка од Редит

пред 2 години

Никола Велковски, Стефан Котевски и Томислав Јуруковски, неодамна добија инвестиција од пола милион долари за маркетинг алатката Ховитцер (Howitzer) за рекламирање на Редит.

Тројцата апсолвенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ во интервју за „Репортер“ ја споделија својата приказна за нивниот старт-ап проект за којшто велат дека самите се одлучиле на ваков чекор, откако решиле некој нивен проблем со помош на оваа алатка.

Ховитцер е мобилната апликација Beermoneу, агрегатор на микрозадачи од најпознатите страници кои се занимаваат со микроработење.

Бидејќи не можеле да најдат ниту една опција за рекламирање на овој производ на Редит, направиле скрипта. Откако утврдиле дека таа го решила проблемот, сфатиле дека би можела да им го реши проблемот и на останатите луѓе. Па така, започнале да работат на реален софтверски продукт кој го добил името Ховитцер.

„Ховитцер во оваа верзија го работиме веќе 13 месеци, и најпрво започна како „проект на страна“. Истиот месец кога го лансиравме и видовме добро оди, дадовме отказ од нашите работни места и целосно се фокусиравме на Ховитцер“, велат тие.

Коосновачот на „Редит“ Алексис Оханијан,  сопруг на тенисерката Серена Вилијамс, ги исконтактирал, откако тие го лансирале Ховитцер и стигнале до MRR од $2000 уште во првиот месец и биле објавени на StartupCrashingIt.

„Алексис е многу пријатен и приземен човек, и до ден-денес ми е еден од омилените веб претприемачи“, вели Никола.

Покрај Алексис, и унгарската компанија DayOne Capital од Будимпешта инвестирала во Ховитцер.

На прашањето дали се соочиле со некакви посериозни бирократски проблеми, тие одговорија: Не, нема проблеми, освен што ниту во банка ниту на нотар не ни веруваат дека некој инвестирал пари во нас, па ни требаат куп документи за да го докажаеме тоа“, велат тие.

Никола, Стефан и Томислав имаат интересен пристап кон канцелариската работа, па така, наместо во патики или чевли, тие го поминуваат работното време само по чорапи. До тоа правило се придржуваат и гостите, иако најпрвин се зачудени од ова необично правило.

„Местото каде што го поминуваш најголемиот дел од денот треба да ти биде најудобното место, така да од таму и идејата да ги направиме канцелариите да изгледаат најдобро што може. Во претходниот стартап (EasyBoots), каде заедно работевме со нашиот ментор Марјан Петковски, се запознавме со тој „скандинавски стил“ на стартап канцеларии (два монитора, големи бели маси, ТинкПад + докинг станица, ултра-квалитетни канцелариски столици и синтелон на подот). Тој стил го пренесуваме и во нашата канцеларија, правејќи ја целосно по наш вкус. Најлабаво што може, подобро од дома“, велат тие за „Репортер“.

На темата околу македонскиот пазар и програмерите во Македонија, според нив трудот овде доволно се цени. Тие велат дека платите во последните неколку месеци се значително зголемени, иако се неспоредливи со оние во странство.

„Во Македонија нема доволно стартапи кои се ориентирани кон некој продукт, за разлика од аутсорсинг компаниите кои ги има премногу“, додаваат тие.

На прашањето каде се гледаат во иднина, велат во старт-ап светот. Не се гледаат како дел од некоја голема фирма, туку некаде каде што би можеле да работат на своите идеи и самите да го создаваат својот успех или неуспех. Иако сметаат дека работењето во голема корпорација е комфорно, во некои моменти дури и поисплатливо, сепак внатрешната потреба да создаваат свои продукти и да ги развиваат своите идеи е многу поголема, па дури и да не им носат профит на компанијата.

Марија Прличкова

 

Share
Scroll to Top