Гранати и ракети целеле на индустрискиот град Северодонецк во источна Украина во редовни интервали, јавуваат новинарите на француската новинска агенција АФП, а гувернерот на Луганск изјави дека десет облакодери погодени од гранати се во пламен.
Гувернерот Серхиј Хајдаи на социјалните мрежи објави дека десет облакодери во Северодонецк се запалиле откако градот бил гранатиран од руските сили. Тој додаде дека нема информации за жртви.
Северодонецк е привремено седиште на владата на регионот Луганск, бидејќи градот Луганск е под контрола на проруските сепаратисти од 2014 година.
Новинарите на АФП велат дека жителите на Северодонецк излегуваат од засолништата на неколку минути кога ќе престане пукањето и повторно се враќаат кога гранатирањето ќе продолжи. Северодонецк кој пред војната имаше повеќе од 100.000 жители, е најисточниот град во рацете на украинската армија, многу блиску до линијата на фронтот со проруските сепаратистички територии.
Руската војска во последните денови извести дека ги насочува напорите на истокот на земјата, каде што се наоѓа Луганската област, во која е и Северодонецк.
Хуманитарниот конвој на ОН од осум шлепери вчера пристигна во Северодонецк носејќи готови оброци, брашно и ќебиња за 17.000 луѓе и четири електрични генератори за градската болница.
„Борбите во источна Украина продолжуваат да се интензивираат, илјадници луѓе останаа без гас и вода, а станбените згради се уништувани неколку пати во воздушните напади на Северодонецк“, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.