Американскиот претседател Џо Бајден за време на денешниот говор во Вашингтон се осврна и на масакрот во украинскиот град Буча.
Бајден рече дека целиот свет ја видел бруталноста и нечовечноста во Буча и ги повика одговорните нации да се обединат и да ги казнат сторителите.
„Цивилите беа ладнокрвно убиени и фрлени во масовни гробници. Тие го оставија целиот свет да го види тоа, без никакво оправдување. Тоа е ништо помалку од големо воено злосторство“, рече Бајден.
„Одговорните нации мора да се обединат и да ги казнат сторителите. Заедно со нашите партнери и сојузници ќе продолжиме да ја зголемуваме цената на војната за Путин, да му нанесуваме болка и дополнително да ја изолираме Русија економски“, рече Бајден.
Американскиот претседател рече дека Западот презема чекори за „да го намали рускиот БДП за повеќе од 10 отсто оваа година“, додавајќи дека економските санкции „веројатно ќе ги избришат последните 15 години руски напредок“.
Тој повтори дека ќе потпише извршна уредба за забрана на сите американски инвестиции во Русија.
„Благодарение на храброста и борбениот дух на украинскиот народ, Русија не успеа да ги постигне своите првични воени цели. Русија сакаше да го земе Киев, да ја собори украинската демократија и избраната влада. Киев и денес стои, а владата сè уште е на власт“, рече Бајден.
„Но, борбата е далеку од завршена. Војната ќе продолжи долго време, но Америка ќе продолжи да биде со Украина и украинскиот народ во борбата за слобода“, заклучи Бајден.