Прва руска реакција откако Србија го поддржа исклучувањето од Советот за човекови права на ОН

пред 3 години

Поддршката на Унгарија и Србија да ја исклучат Русија од Советот за човекови права на ОН е пример за принуда на русофобија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а пренесува српската новинска агенција „Танјуг“.

Тој додаде дека тука не се работи за разбирање и простување на ваквата постапка, туку дека мора да се разбере оваа, како што наведе, тешка ситуација, односно, невидениот притисок и принуда на русофобијата.

„Сето ова го доживуваат земјите кои се обидуваат да заземат балансирана позиција. Ние го разбираме тоа“, изјави Песков за новинарите.

Како што пренесува „Танјуг“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјавил дека Србија сакала да се воздржи при гласањето, но дека се соочила со големи притисоци. Се додава дека официјален Белград претходно го подджал територијалниот интегритет на сите земји, вклучително и Украина, но Србија не се приклучи на западните санкции против Русија.

За потсетување, Генералното собрание на Обединетите нации во четвртокот ја суспендираше Русија од Советот за човекови права на ОН поради извештаи за грубо и систематско кршење и злоупотреба на човековите права со инвазијата на Украина.

Овој потег, предводен од САД, доби поддршка од 93 земји, 24 земји гласаа против, а 58 беа воздржани. За суспензијата на Русија од 47-члениот Совет на ОН за човекови права беше потребно двотретинско мнозинство, а оние кои не сакале да гласаат не се бројат во двотретинското мнозинство.

Резолуцијата усвоена од 193-членото Генерално собрание на ОН изразува сериозна загриженост поради актуелната криза на човековите права и хуманитарната криза во Украина, особено поради извештаите дека Русија ги прекршила човековите права.

Русија ги предупреди земјите дека гласањето за суспензија и воздржувањето ќе се смета за непријателски гест што ќе има последици за билатералните односи, се вели во белешка во која имала увид агенцијата „Ројтерс“.

Share
Scroll to Top