Армискиот лесен пешадиски баталјон е борбено способен, НАТО оценка по вежбата „Блесок 22“ на полигонот „Криволак“

пред 3 години

Лесниот пешадиски баталјон, кој е составен дел на Првата пешадиска бригада е борбено способен да ја извршува својата мисија, е оценката која ја доби оваа армиска единица по вежбата „Блесок 22“ која заврши денеска со демонстрација на тактичка вежба на Денот за високи гости, реализиран на полигонот „Криволак“.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање пред заменикот на претседателот на Собранието, Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и военото раководство истакна дека способностите на Армијата не се само зборови на хартија, туку вештини на дело.

„Армијата на Северна Македонија на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Лесниот пешадиски баталјон е првата поголема единица која беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО, по членството на државата во Алијансата. Можеме да одиме со исправена глава, зашто покажавме дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО цели на способности“, рече министерката.

Петровска истакна дека над 1.100 армиски припадници во периодот од 3 април до денеска изведоа нешто помалку од 60 вежбовни настани и инциденти и за секој од нив беа успешно оценети.

Министерката порача дека оваа вежба е важна и затоа што оценувањето беше вршено од домашен набљудувачки тим, под супервизија на набљудувачи од НАТО. Во тимот, 85 проценти се сертифицирани НАТО набљудувачи, што го надминува НАТО стандардот од 50 проценти.

„Професионалноста и посветеноста на нашата Армија денеска доби уште еден печат – нашиот Лесен пешадиски баталјон е оценет како „борбено способен за извршување на својата мисија“ според најстрогите НАТО стандарди под мониторинг на искусни набљудувачи од НАТО – Алијансата. 85 проценти од домашните оценувачи се сертифицирани согласно највисоките стандарди на Алијансата, што драстично го надминува НАТО стандардот од 50 проценти сертифицирани домашни набљудувачи. Ова покажува дека Армијата постојано се развивала, ги градела своите капацитети, вложувала во своите професионалци“, подвлече Петровска и се заблагодари за сојузничката поддршка од САД и ОК кои помогнаа припадниците на Армијата да го постигнат овој резултат.

Министерката рече дека Министерството и Владата продолжуваат со инвестициите за развој на армиските капацитети. Годинава, над 30 проценти од одбранбениот буџет е наменет за инвестиции и модернизација на Армијата, средства за нашите војници, за подобри услови во касарните, нова и софистицирана опрема и уште повеќе вежби и обуки.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски им оддаде признание на припадниците на 2.пешадиски баталјон, 1.пешадиска бригада и Командата за операции и воедно изрази благодарност до Министерството за континуираната поддршка во сите фази на подготовки за создавање на предуслови за реализација на оваа вежба и оценувањето кое беше реализирано изминатата недела.

„Успешното оценување на нашата втора декларирана единица во Армијата за НАТО водени операции е навистина големо достигнување, за кое сите ние сме горди. На сите нас, припадниците на Армијата, во поддршка со надлежните институции ни останува процесот на модернизација и опремување соодветно да го одржиме и надградиме, со што единицата ќе биде подготвена да одговори во секој момент на сите претстојни предизвици“, рече генералот Ѓурчиновски.

На вежбата присуствуваше и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Вежбата „Блесок 22“ е национална теренска вежба која се реализираше од 3 до 11 април на армискиот полигон „Криволак“, кампот за обука „Пепелиште“, касарната „Јане Сандански“ во Штип и касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. Вежбата е организирана и се реализира со цел оценување на борбената подготвеност согласно декларираните цели на способности на лесен пешадиски баталјон согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО. Реализацијата на вежбата се одвиваше според фиктивно сценарио со креирани настани и инциденти кои овозможија единицата да се оцени согласно НАТО стандардите.

Share
Scroll to Top