Бугарија и Грција напредуваат во преговорите за заедничка нуклеарна централа

пред 3 години

Бугарија и Грција напредуваат во меѓусебните преговори за изградба на заедничка нуклеарна централа, но тие преговори се уште се во зародиш, пишува Еурактив.

Идејата за заедничка нуклеарна централа да се гради во Бугарија прв ја објави бугарскиот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев по враќањето од посетата на Грција на 22 февруари, каде што разговараше со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Се чека завршувањето на стручната студија

Атина и Софија ќе треба да чекаат најмалку една година за да се заврши експертската студија, а за тоа време бугарската владејачка коалиција ќе треба да ги договори позициите за изградба на централата.

Асен Василев вели дека нуклеарната централа треба да се гради исклучително брзо, бидејќи има купувач за струја, со што се елиминира деловниот ризик. Но, експертите проценуваат дека не може да се изгради побрзо од минималниот рок од шест до осум години, а цената се’ уште е недефинирана.

Проблемот е што Бугарија во сегашните околности не може да ги инсталира двата купени руски нуклеарни реактори. Нивното поставување не е можно без руско учество, а тоа е спречено поради војната во Украина и воведените санкции.

Економската студија на британската банка ХСБЦ, подготвена за проектот на втората нуклеарна централа во Бугарија во 2012 година, покажала цена од 10 милијарди евра. Бугарскиот министер за енергетика Александар Николов вели дека централата може брзо да се изгради само на постојната локација на нуклеарната централа Козлодуј.

„Сериозен проблем пред идниот договор со Грција“

Извори блиски до ова прашање за Еурактив велат дека во Бугарија има сериозен проблем пред идниот договор со Грција: како да се реши прашањето за одговорноста за евентуални вонредни ситуации.

Имено, не постои шема според која одговорноста може пропорционално да се префрли на друга држава, а според Виенската конвенција за граѓанска одговорност за нуклеарна штета треба да се разјасни механизмот со кој Грција сака да се вклучи во проектот – како акционер или само како купувач на електрична енергија.

„Грците се свесни за внатрешните проблеми и преговорите мора да се водат многу внимателно – за да не станат како водите на Градот“, додаде изворот.