Усвоен Предлог Законот за инспекциски надзор во животната средина

пред 3 години

На денешната 69 Седница на Собраниеот на Република Севрна Македонија со 62 гласа „За“ беше усвоен Предлог Законот за инспекциски надзор во животната средина на Министерството заживотна средина и просторно планирање.

По неколку неуспешни обиди во минатото, како што информираат од МЖСПП, Министерството пристапило кон повторна изработка и подготовка на овој предлог на Закон за инспекциски надзор во животната средина со што одговори на специфичните потреби на инспекцискиот надзор во животната средина и го усогласи со барањата од ЕУ законодавството во областа и исполнување на нотираната обврска во последователните извештаи за прогрес мониторинг на Европската Комисија.

Законот ќе овозможи отпочнување на реформски процес за подобрување и реорганизација на инспекцискиот систем за животната средина на национално и на локално ниво и унапредување на инспекторирањето со што ќе обезбеди подобра заштита на животната средина.

Со донесувањето на овој закон ќе се добие од една страна повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина со кое ќе се обезбеди надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси, како и соодветно планирање на инспекцискиот надзор на централно и локално ниво во согласност со политиките за животна средина, како и подетално уредени постапки за итните и вонредните надзори.

Главните елементи на овој закон се во насока на воспоставување на координирано планирање на инспекцискиот надзор на целата територија на државата, соопшти МЖСПП.

Воведено е планирање засновано на критериуми за процена на ризикот кој го имаат субјектите на надзорот врз животната средина, но и планирање на инспекциски надзор кој ќе биде во насока на спроведување на дефинираните цели и приоритети согласно стратешките документи во областа на животната средина.

Преку воспоставување на плански документи, Стратегија и Програма, за инспекциски надзор во животната средина на ниво на област, а не на ниво на инспекциска служба ќе се овозможи координација и соработка на централната со локалната власт во однос на планирањето. Соодветното планирање на инспекцискиот надзор ќе овозможи избегнување на преклопувања во инспекциски надзор, како и непокриеност на инспекцискиот надзор во одредени медиуми и области.

Начинот на планирање на инспекцискиот надзор пропишан во Законот нуди решенија со стручниот кадар за инспекциски надзор, како и соодветно и навремено планирање на финансиските средства. Пропишан е начинот на спроведување на специјализираните обуки за инспекторите.

Дополнително, вградена е меѓуопштинската соработка согласно прописите за локална самоуправа во насока на специјализирање на инспекторите за одредени области или медиуми на животната средина, што може значително да доведе до подобрување на состојбата со човечките ресурси во инспекцискиот надзор.

Законот содржи и одредби кои се специфицирани и се согласно потребите на постапката и начинот на спроведување на инспекцискиот надзор во животната средина.

Во законот се допрецизирани одредбите во однос на вршење на вонредни (ненајавени) инспекциски надзори, можностите и начинот за земање примероци во исклучителни и итни околности, како и предвидена е посебна дополнителна обврска за изготвување на извештаи за определени видови на инсталации согласно барањата од ЕУ законодавството. Со овие решенија се цели и кон обезбедување на соодветни докази за начинот на работењето на субјектите на надзорот, за евентуалните понатамошни прекршочни или други постапки, се наведува во соопштението на МЖСПП.

Share
Scroll to Top