Царовска: Креираме политики за инклузивност, разликите се квалитет

пред 3 години

Во ООУ„ 25 Мај“ во скопската општина Гази Баба отворена Сензорна соба.

Министерката за образование Мила Царовска посочи дека Сензорната соба дава можност за подобар квалитет на учењето кај учениците со атипичен развој, но притоа не само за нив, туку и за сите ученици кои имаат потреба за користење на вакви дополнителни ресурси во училиштето. Според неа инклузивно образование, инклузивни училишта значат и квалитетно образование, образование во коешто децата знаат да се препознаваат во своите разлики и тие да ги истакнуваат како квалитет, наспроти можноста за дискриминација.

Училиштата, напомена Царовска, треба да станат центар на заедниците, како што тоа е пример во општината Гази Баба, каде со заеднички средства од реалниот сектор, Министерството, Владата се вложува во образованието.

„Како Влада сме посветени да креираме политики коишто значат инклузивност. Тоа го гарантира новата концепција за основно образование, тоа го гарантира и новиот закон за учебници, којшто за првпат препознава аудио верзија од сите учебници коишто треба да се воведат и исто така учебници коишто се изготвени на Брајово писмо за да можат учениците со оштетен вид да ги користат учебниците, што не беше пракса до денеска“, потенцира Царовска, напоменувајќи дека е значајно за граѓаните да знаат дека овој пристап на нов тип на учебници се воведува сукцесивно.

„Следната година само во четврто одделение ќе имаме дигитални учебници, затоа што нашиот модел којшто го нудиме е комбиниран и овозможува различниte потреби на учениците да ги пресретнеме со различен или поинаков тип на учебници“, додаде Царовска.

Градоначалникот Гази Баба Борис Георгиевски, напомена дека сензорната соба во ООУ „25 Мај“, е опремена со сите наставни помагала за инклузија на децата со посебни образовни потреби.

Георгиевски истакна дека е започната изградбата на Центарот за сензорна интеграција во населбата Железара, во кој ќе бидат згрижени децата со посебни образовни потреби од основните училишта и градинките од општината, а се работи и на целосна имплементација на стратегијата за инклузивно образование во основните училишта во Гази Баба.

Share
Scroll to Top