Петмина украински војници го положиле оружјето, ја напуштиле фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол и им се предале на руските сили, објавено е на канал на „Телеграм“ на проруските сепаратисти од самопрогласената Народна Република Донецк (ДНР).
„Петмина припадници на вооружените сили на Украина го положија оружјето и доброволно го напуштија подрачјето на фабриката за челик ‘Азовстал’, користејќи ја понудата на Народната милиција на ДНР и вооружените сили на Руската Федерација“, соопшти руското Министерство за одбрана, а пренесе агенцијата РИА.
Во соопштението на руското министерство се наведува дека украинските војници дознале за понудата од специјалните летоци фрлени во индустриската зона. Оваа информација не е независно потврдена.
РИА наведува дека целиот град Мариупол е „ослободен“ и додава дека остатокот на украински сили, странски платеници и неонацисти од баталјонот Азов се блокирани во фабриката за челик „Азовстал“.