Милошоски: Бугарската провокација е последица од гласањето на СДСМ и ДУИ за бришење на АСНОМ од Уставот

пред 3 години

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, при денешната посета во Велес одговори на новинарско прашање поврзано со изјавите на министерот Османи за случајот со клубот „Ванчо Михајлов“ и дали очекува Ковачевски да ги осуди потезите на Бугарија за промоција на ликот и делото на Михајлов.

„Тоа беше понижување и за Битола и за целата Македонија и провокација која не ги зближува ниту Македонија со Бугарија ниту обратно, туку создава дополнителен раздор. Јас само би потенцирал дека ова што се случи во Битола како чин на дрска провокација кон македонскиот народ е последица на гласањето од декември 2018-та година кога 64 пратеници на СДСМ и нивната коалиција, гласаа за бришење на одлуките на АСНОМ од Уставот на Република Македонија и кога вие гласате за бришење на одлуките на Антифашистичкото собрание од Уставот, тогаш ова се последиците“, посочи Милошоски.

Тој потсети дека опозицијата предупредувала дека не треба да се менуваат и да се бришат одлуките на АСНОМ.

„СДСМ и ДУИ го направија тоа што го направија заедно со ЛДП, ДОМ и другите коалициски партнери и сметам дека овие последици се резултат на таквите поданички политики кои што ги донесоа со 64 пратеници во декември 2018 година“, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека се надева оти министерот Османи ќе има доблест да си поднесе оставка за ваквата, како што рече, провокација која се случи со негово знаење.