Националниот ансамбл за македонските народни игри и песни „Танец“ вчеравечер во Националната опера и балет одржа голем велигденски концерт. Публиката уживаше во ора и танци од различни периоди од историјата на „Танец“, па секоја кореографија ја испрати со громогласен аплауз и овации.
Ја изиграа и кореографијата „Мијачка“ на етнокореолог Марјан Андоновски, кој веќе петнаесет години е играорец во националниот ансамбл, а е спој на ората „Повратешко“, „Манукот“, „Лесното“, „Скудрунка“, „Џангурица“ и песните „Ни прела гора ни ткала“, „Невесто око калешо“ и „Река газит малој моме“ преку кои е претставена традицијата преточена во уметност.
Еден од симболите на „Танец“ е кореографијата „Драчевка“, со која заврши овогодишниот Велигденски концерт. Таа опфаќа карактеристични игри и песни од селото Драчево и ја прикажува атомсферата на веселбите кои се случувале на селските собори во ова место.
Помеѓу присутните на концертот беше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета. Таа беше облечена во духот на традицијата, во свeтлокафен фустан со македонски вез, искомбиниран со кожена црна јакна.
„Импресивен гала-концерт на Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни ‘Танец’ во пресрет на Велигденските празници. Со богатата играорна и вокално-инструментална програма од различни региони на земјата, како и со раскошноста на оригиналните носии ‘Танец’ уште еднаш го оправда ептитетот на вистински подвижен музеј на изворното македонско фолклорно творештво. Честитки до целиот ансамбл за одличната изведба на ‘Драчевка’,’Солунка’, ‘Малешевка’, ‘Сретсело’, ‘Копачија’ и другите кореографски постановки од нашата вокално-инструментална ризница“, рече претседателот Пендаровски.