Министерството за внатрешни работи потврди дека се случила кражба на шишиња масло од канабис од фабриката „5 летерс“.
Информацијата утрово ја обелодени пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки кој на социјалните мрежи напиша дека ограбениот канабис е во вредност од 2 милиони евра.
Од МВР информираа дека станува збор за 108 шишиња.
„На 19.04.2022 во 11.31 часот во СВР Битола, раководител на агенција за обезбедување пријавил дека во периодот од 18.30 часот на 18.04.2022 до 06.30 часот на 19.04.2022 во фабрика за производство на марихуана во стечај, во близина на с.Алданци, крушевско, било влезено со употреба на сила и подесен алат и биле одземени 108 шишиња масло од канабис и 6 најлонски ќеси со иглички од цветот од растението канабис“, велат од МВР.
Од полицијата велат дека направен е увид на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот.