Вапсувањето јајца за Велигден има своја симболика. Приказната се заснова и на самиот концепт на празникот – новиот живот. Исус Христос воскресна и се врати од мртвите и со тоа започна неговиот вечен живот.
Јајцата во многу култури и традиции се симбол на живот, раѓање и плодност. Оваа симболика целосно се вклопила во обичаите за овој празник. Но, има и такви коишто велат дека јајцето е симбол на гробот во кој било закопано телото на Исус, а со неговото кршење точно на полноќ се симболизира отворањето на гробот и излегувањето на Исус од него.
Дури и боите имаат свои значења. Црвената која е најчеста, ја означува крвта на Исус, сината е боја на вистината, зелената на плодноста, жолтата на светлината која доаѓа со неговото воскресение…
Црвена – пожртвуваност, пасија, Исусова крв
Виолетова – симбол на страданието на Исус
Розова – љубовта кон Исус
Зелена – надеж и вечен живот
Жолта – ослободување и светлина
Традиционално декорациите се само од јајца од кокошка, а модернизте верзии вклучуваат и украси од пластика, чоколадни јајца, пилиња и зајачиња, гнезда. Но, оние што држат до традицијата сметаат дека само вапсаните јајца се доволни за да се одбележи овој голем христијански празник. Многу домаќинства ги вапсуваат јајцата исклучиво во црвена боја.