Путин ги повика Азов и маринците: Положете го оружјето и ви ги гарантирам животите

пред 3 години

Мариупол е ослободен и таму нема повеќе борби, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во разговор со турскиот колега и ги повика украинските борци Азов и маринците да се предадат и порача дека животот им е загарантиран.

Огромната фабрика за челик Азовстал е последната локација контролирана од украинските сили во Мариупол. Киев треба да преземе одговорност за војниците во фабриката, му рекол Путин на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се вели во соопштението на Кремљ.

Путин ги повика украинските војници во Азовстал да го положат оружјето.

„На воените затвореници им се гарантира живот, медицинска нега и третман во согласност со меѓународните правни стандарди“, се вели во соопштението на Кремљ.

Украина во понеделникот соопшти дека Обединетите нации треба да бидат „иницијатор и гарант“ за секој договор за евакуација што ќе треба да се спроведе во присуство на Црвениот крст.

Зградите на комплексот се во голема мера уништени, но украинските борци се кријат во голема мрежа на подземни тунели од каде продолжуваат да им пружаат отпор на Русите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека таму се кријат околу илјада цивили и стотици ранети, во катастрофални услови, без вода и храна.

Украина соопшти дека ќе ги прекине преговорите со Русија доколку бидат убиени и последните борци на Азовстал. Зеленски разговараше и со Ердоган за евакуацијата во неделата.

„Претседателот Ердоган ја изрази својата подготвеност да обезбеди секаква помош што може во преговарачкиот процес“, соопшти официјална Анкара.

Share
Scroll to Top