На Модната недела во Париз, својата најнова колекција синоќа ја претстави и светскиот бренд „Шанел“. Новата колекција за сезоната пролет-лето 2021 е инспирирана од филмските диви, од златната ера на Холивуд и францускиот филм. Ова е трета колекција на Виржини Вјар, која во 2019 дојде на местото на починатиот Карл Лагерфелд.
„Оваа колекција е почит кон музите на Холивуд. Некои од нив се далеку – одамна не ги видовме. Коко Шанел и Карл Лагерфелд облекоа толку многу актерки во филмовите и во реалниот живот што морав да го прифатам тоа како инспирација. Размислував за нив, оти нè тераат да сонуваме толку многу. Но, без да се трудам да го копирам тоа што пред мене го креираа најголемите имиња во ‘Шанел’,“ вели Вјар за колекцијата.
Новата колекција има класични модели, но и кежуал изглед, од маици, шорцеви до џемпери. Ова е младешка колекција на панталони со светки, кратки црни фустани од шифон и макси креации кои ја следат линијата на телото, карнери и шари со црно-бели цвеќиња.
Покрај препознатливите комплети од букле во бледо розова и црна боја, дизајнерката претстави и шанел-сако во флуоресцентно розова боја, како и џинс-комплети во розова боја, следејќи ја својата желба колекцијата да биде радосна, шарена и живописна.
Колекцијата е дополнета со бројни црно-бели комбинации, елегантни фустани кои може да се носат на црвениот килим, варијации на облеката од твид, младешки и полежерни модели, некои од нив дури и во флуоресцентни нијанси.