Отворање на изложбата на Ахмет Огут во МСУ – Скопје

пред 3 години

Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена самостојна изложба на еден од позначајните уметници на интернационалната сцена, Ахмет Огут.

var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);

Кураторки на изложбата со наслов „Скокни!“ се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Огут пристигна во Скопје и, вечерва, пред официјалното отворање на изложбата, во 19 часот, публиката ќе може да присуствува на разговор и водење низ изложбата во присуство на уметникот.

„На изложбата во Скопје посетителите ќе може да видат повеќе дела кои се однесуваат на концептот заедништво, комуникација и споделување во периоди на криза, но и коегзистирање со другиот жив свет. Неговите дела се колаборативни, тој бара начин да ја ангажира публиката или случајните минувачи во ситуации што ја менуваат нивната перцепција за социјалните норми и однесувања. Преку хумор и мали гестови во делата тој често коментира сериозни социјални и политички прашања. Инспириран од приказната за настанување на самиот Музеј и неговата колекција, во Скопје тој создава инсталација во која на возбудлив и игрив начин, со скок во височина, ги повикува посетителите да ги активираат своите сеќавања поврзани со колективната траума од земјотресот и специфичната историја на солидарност, со поглед од поинаква перспектива на делата од колекцијата“, велат кураторките Гаќина и Попова.

Преку инсталации, скулптури, цртежи, колажи и видеодела, инспирирани од општествената, културната и политичката реалност, изложбата со императивен наслов „Скокни!“ го поканува посетителот да излезе од комфорната зона и досегашните навики на перципирање и размислување и да одговори на новите предизвици од поинаква перспектива. Уметникот нѐ повикува да ја презамислиме поврзаноста помеѓу човечкиот и нечовечкиот живот, нивната зависност и симбиоза, да направиме скок во променети општествени норми наспроти културата на секојдневното грубо и политички сурово. Според тоа, средбата со неговите дела станува еден вид покана за општествен ангажман.

Ахмет Огут (1981) е уметник што живее и работи во Амстердам, Берлин и во Истанбул. Самостојно изложувал во повеќе музеи и институции во светот, меѓу кои „Ван Абемусеум“, „Кунстверајн Дрезден“, „Кунстхал Шарлотенборг“. Изложувал на многубројни групни претставувања и во Музејот „Стеделијк Амстердам“, Музејот на современата уметност во Сеул, 13. биенале во Лион, 5. биенале на визуелни уметности, Њујорк, 12. истанбулско биенале, триеналето на Новиот музеј, Њујорк, 5. берлинско биенале за современа уметност. Огут ја претставувал Турција на 53. биенале во Венеција во 2009 година. Бил резидентен уметник на Ријксакадемија, Амстердам, во 2007-2008 година и на Фондацијата „Делфина“, Лондон, во соработка со Тејт, во 2012 година.

Изложбата „Скокни“ во МСУ Скопје се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, асоцијацијата „Саха“ од Турција, „ЕВН Македонија„ и „Тиквеш“.