Од „Нетфликс“ наскоро најавија дека ќе снимаат реално шоу за „Сквид гејм“. Шоуто ќе се нарекува “’Сквид гејм’ – Предизвик“ и ќе се снима по примерот на мегапопуларната корејска серија која за брзо време стана глобален феномен.
Како и во оригиналното сценарио на серијата, 465 натпреварувачи ќе се борат за најголемата парична награда во историјата на реалните шоуа.
Тие ќе се натпреваруваат за 4,56 милиони долари. Сите натпреварувачи низ игри инспирирани од оригиналната серија, ќе смислуваат стратегии и ќе прават сојузи и ќе бидат ставени на искушенија додека околу нив ќе се елиминираат конкурентите, велат од „Нетфликс“.
Од таму велат дека ова ќе биде најголемото реално шоу досега. Во серијата, елиминацијата ќе означува моментална смрт за играчите, а во реалното шоу најголемата казна ќе биде тоа што натпреварувачите ќе си заминат дома со празни раце. Пријавите за шоуто се отворени и секој може да конкурира на страницата Squid Game Casting.
Во првиот круг Front Man, маскиран модератор на играта, ќе бара натпреварувачи кои го владеат англискиот јазик од кој било дел од светот. Натпреварувачкото реално шоу ќе се состои од 10 епизоди и ќе се снима во Велика Британија.
„’Сквид гејм’ го освои светот со волшебната приказна и култните визуелни слики на режисерот Хванг. Ние сме му благодарни за неговата поддршка во претворањето на измислениот свет во реалност во овој голем натпревар и социјален експеримент“, рече Брендон Риг, претседателот на документарната серија на „Нетфликс“.
„Сквид гејм“ го држи рекордот како најпопуларна серија на „Нетфликс“ на сите времиња, со повеќе од 1,65 милијарди часови гледаност во првите 28 дена.
Минатата недела „Нетфликс“ и режисерот Хванг Донг Хјук потврдија дека повторно ќе се обединат и најавија емитување на втората сезона. Режисерот беше првиот кој во ноември даде надеж дека најголемата серија на „Нетфликс“ ќе добие уште една сезона.
„Имаше голем притисок и барања за втората сезона. Моментално сум во процес на планирање и мислам дека е рано да се каже кога и како ќе се случи продолжението“, рече Хуанг.
Тој не сакаше многу да открива за деталите од новата сезона, но најави враќање на омилениот главен лик:
„Беа потребни 12 години за да се создаде првата сезона на „Сквид гејм“, а само 12 дена да стане најпопуларната серија на „Нетфликс“ досега. И сега Ги-Хун се врати. Front Man се врати. Човек во костум со „ddakjie“ (свиткана хартија за играње) би можел да се врати. Ќе го запознаете и момчето на Јанг-хи, Чеол-су“, рече Хуанг.