Украина нема да биде домаќин на Евросонг во 2023 година, соопштија од Европската радиодифузна унија. Потенцијален кандидат за домаќин би можела да биде Велика Британија, чиј претставник годинава во Торино го освои второто место.
Организаторија одлуката ја донесоа поради воените конфликти и заклучија дека во земјата не е безбедно да се одржи музичкиот фестивал. Во нивното соопштение се вели:
„Позната е традицијата да победникот на Евросонг биде домаќин на натпреварувањето следната година и на тој начин да обезбеди одредени критериуми и услови, вклучително и безбедноста за сите натпреварувачи. Со оглед дека војната која сè уште е во тек во Украина, во ЕБУ направивме проценка и студија за безбедноста на натпреварувачите. Натпреварувањето за песна на Евровизија е една од најсложените телевизиски продукции во светот и на неа работат илјадници луѓе 12 месеци. По направените анализи со длабоко жалење можеме да заклучиме дека со оглед на моменталните околности, Украина не може да ги исполни безбедносните и оперативните гаранции, по што бевме принудени да ја донесеме оваа одлука“, стои во соопштението.
За потсетување, годинава во Торино победник беше украинскиот бенд „Оркестарот Калуш“.
. .