По неодамнешниот извештај на BuzzFeed News, кој откри дека до податоците на американските корисници на TikTok било постојано пристапувано во Кина, комесарот на Федералната комисија за комуникации Брендан Кар ги повика Apple и Google да го отстранат TikTok од нивните продавници за апликации.
Во писмо до извршниот директор на Apple, Тим Кук и извршниот директор на Google, Сундар Пичаи, комесарот Брендан Кар напиша дека TikTok „претставува неприфатлив ризик за националната безбедност поради неговото обемно собирање податоци во комбинација со очигледно непроверениот пристап на Пекинг до тие чувствителни податоци“.
Кар тврдеше дека TikTok не ги почитувал правилата на Apple и Google. Според него, „моделот на однесување и лажните претстави во врска со непречен пристап на луѓето од Пекинг до чувствителни кориснички податоци во САД“ е спорен.
Претставник на Google одби да го коментира писмото на барање на Insider. Претставниците на TikTok и Apple не одговорија веднаш на барањата за коментар.
„TikTok не е како што изгледа на површината. Тоа не е само апликација за споделување смешни видеа или мемиња. Тоа е „овча кожа“. Во неговото јадро, TikTok функционира како софистицирана алатка за надзор. Собира големи количини на лични и чувствителни податоци“. напиша Кар.
Се појавија докази дека TikTok има пристап до податоците на корисниците во САД
Социјалната мрежа е во сопственост на кинеската компанија BiteDance. Претходно овој месец, BuzzFeed News објави, врз основа на аудио од преку 80 интерни состаноци на TikTok, дека инженерите на BiteDance во Кина имале пристап до податоците на корисниците во САД. Периодот за кој станува збор е помеѓу септември 2021 година и јануари 2022 година.
Вработените во ТикТок со седиште во САД не знаеја како да пристапат до податоците. Тие немаа дозвола и се потпираа на персоналот во Кина за да го направат тоа, според BuzzFeed News.
Како одговор на приказната, портпаролот на TikTok изјави за BuzzFeed News: „Знаеме дека сме меѓу најпроверуваните платформи од безбедносна гледна точка. Сакаме да го отстраниме секој сомнеж за безбедноста на податоците на корисниците во САД. Затоа ангажираме експерти за континуирано да работат на потврдување на нашите безбедносни стандарди и да носат реномирани, независни трети страни за да ја тестираат нашата одбрана“.
Мрежата на удар од Трамп и Бајден
Истиот ден кога BuzzFeed News го објави текстот, TikTok откри дека „100 отсто од корисничкиот сообраќај во САД се пренасочува кон Oracle Cloud Infrastructure“, наместо да се складира во сопствените центри за податоци во САД и Сингапур.
TikTok беше на радарот и на поранешниот претседател Трамп и на претседателот Бајден. Тие беа загрижени за приватноста и националната безбедност.
Администрацијата на Трамп постави рокови за TikTok да најде американски купувач или да се соочи со забрана од САД. Откако пропаднаа потенцијалните договори со Мајкрософт и Оракл, роковите поминаа без акција од американската влада.
Администрацијата на Бајден претходно оваа година предложи нови правила кои ќе и овозможат на американската влада поголем надзор над апликациите кои можат да претставуваат ризик за националната безбедност, вклучително и TikTok.