Американската вселенска агенција НАСА го одложи лансирањето на роверот VIPER специјализиран за потрага на вода на површината на Месечината.
Роверот требаше да биде дел од лунарната мисија планирана за ноември 2023 година, но тоа нема да се случи бидејќи неговото патување е одложено за ноември 2024 година. Причина за доцнењето е тестирањето на лендерот што ќе го испорача роверот на површината на Месечината.
VIPER (Volatiles Investigating Polar Exploration Rover) е голем и важен дел од програмата Artemis на НАСА, чија цел е да испрати луѓе на Месечината. Роботскиот ровер е опремен со специјални тркала, научни инструменти и дупчалка, а дизајниран е да ја дупчи површината на Месечината во потрага по замрзната вода за да утврди колку има, колку испарило и во каква состојба е. На тој начин, научниците ќе знаат каде да бараат вода и кои алатки да ги користат доколку тоа го бараат идните мисии на Месечината.
Со цел да стигне VIPER на Месечината, НАСА потпиша договор со Astrobotic како дел од својата програма CLPS, која има за цел да вклучи приватни компании во развојот на комерцијални лендери на Месечината.
Astrobotic работи на флота од роботски лунарни лендери и планира да го искористи својот иден лендер Грифин за транспорт на VIPER на површината на Месечината.
Сепак, НАСА соопшти дека побарала дополнително тестирање на лендерот Грифин, поради што датумот на лансирање е одложен до крајот на 2024 година. Оваа промена и дава на НАСА дополнителни 67,8 милиони долари на Astrobotics, со што вкупната вредност на договорот за мисијата VIPER ќе достигне 320,4 милиони долари.
Иако лансирањето на роверот е одложено, НАСА планира да испрати некои од инструментите на VIPER заедно со два претстојни комерцијални летала кои ќе се упатат кон Месечината подоцна оваа година. Овие два летала беа развиени од Intuitive Machines и гореспоменатите Astrobotic.