Некогашниот најголем плејбој на светот, Хју Хефнер, изгради издавачка империја благодарение на продажбата на магазинот „Плејбој“ со голите жени на насловните. Негоивот стил на живот беше сон на многу мажи. Но, се испостави дека зад тој гламур и хедонизам се кријат валкани игри.
Хефнер, основачот и поранешен сопственик на легендарниот магазин за мажи „Плејбој“, почина на 27 септември, пред пет години, на 91 годишна возраст. Зад себе остави империја која полека згаснува и сè што е поврзано со него полека се руши со доаѓањето на новите технологии и сèопштата достапност на сите облици на голотија на интернет и тоа за безпари.
Така работата која ја почна во 1953 година стана депласирана, прегазена со времето и осудена да тоне во заборав. Но, легендата остана. Приказната за Хефнер, која „Си-ен-ен“ ја нарече културна икона која заговара слободен поглед на сексуалнсота и се бореше против пуританските елементи на своето време, продолжи да живее, особено низ контроверзите врзани за неговиот деловен почеток, но и подоцнежното ширење на царството со продавањето на женска голотија.
Упатените велат дека првите големи пари и одлучниот старт успеал да го обезбеди со измама. На првиот број на „Плејбој“ во 1953 година, на насловната објавил голи фотографии од познатата холивудска убавица и фатална заводница Мерлин Монро.
Според проверени податоци, овој број на магазинот е продаден во тираж меѓу 50.000 и 65.000, по цена од 50 центи по парче, што во тоа време била одлична заработка.
Се испостави дека Хефнер за фотографиите со глумицата дал само 500 долари. Ги откупил од фотограф, кој ја сликал Монро гола во време кога не била позната.
Хефнер за фотографиите за кои Мерлин добила хонорар од 50 долари кога позирала, ги испечател без нејзина согласност. Така Мерлин Монро стана првата убавица на „Плејбој“, без да сака. Во секој случај, благодарение на овие фотографии, привот број на „Плејбој“, стана најбараниот машки магазин во САД, а потоа и во целиот свет.
Мерлин не е единствената славна личност која Хефнер ја објавил гола на насловна страна, без нејзина согласност. Вториот скандал се случил во 1987 година кога ја објавил и Вана Вајт, познатата водителка на еден од најгледаните американски квизови „Тркало на судбината“.
Вајт била шокирана затоа што никогаш не се сликала за „Плејбој“, а се нашла на насловната. Хефнер до нејзините фотографии дошол на истиот начин како и во случајот со Мерлин Монро.
Младата Вајт, која на почетокот на кариерата била без пари, се фотографирала за реклама за долна облека. Хефнер ги купил тие фотографии на кои право имал само фотографот. Вајт подоцна рече дека не сакала да се најде на насловната на „Плејбој“ и дека никогаш не би дозволила да се фотографира за овој магазин.
Рече дека и го молела Хефнер да не ја објавува затоа што ќе ѝ ја загрозел кариерата. Но тој ја одбил. За среќа, Вајт подоцна рече дека фотографиите не влијаеле на нејзината кариера. Напротив продолжила да го води квизот во наредните 35 години.
Истата работа ја направил и со Мадона во 1985 година, кога пејачката била на врвот на кариерата. Ги објавил нејзините црно-бели фотографии од 1979 година, кога позирала како уметнички модел.
Како што почнал, така и продолжил низ годините. Кога продажбата на „Плејбој“ почнала да опаѓа, Хефнер вадел кецови од ракавот. На насловната страна објавил лик од цртан филм. И тоа не кој било, туку Марџ Симпсон, сопругата на Хомер Симпсон од култниот цртан „Симпсонови“.
Во 2009 година се појави издание, кое сега е во плакарите на многу колекционери, со голата домаќинка од Спрингфилд. Некои мислеле дека тоа е тотален неуспех, додека други биле ентузијасти за оваа идеја. Во секој случај, оваа насловна не остави никого рамнодушен.
Многумина се шегувале дека Хефнер сигурно не го прашал ни Хомер дали е среќен што неговата сопруга позирала гола за „Плејбој“.
Хефнер, како е познато имал обичај во вилата да живее со неколку зајчици, кои ги бирал внимателно. Една од неговите миленици била згодната Холи Медисон која била една од ретките која ја напуштила неговата вила.
Во 2015 година ги објавила мемоарите во кои ги објаснила причините зошто си заминала. Хефнер, го претставила како импотентен старец кој користи вијагра и кој се фали со убави, млади девојки и бара од нив перверзни услуги.
Во книгата која стана бестселер, откри дека се обидел да ја поткупи за да остане во замокот. Објасни дека случајно ѝ го оставил тестаментот на маса во кој ѝ оставил 3 милиони долари. Подоцна ова го откри и во шоуто на Опра.
„Ми се гадеше. Тоа е сè што можеше да направи, да ми фрли пари под нозете за да останам. Ме изнервира“, рече Холи.
За да живеат во неговата палата, на девојките им плаќал по 1.000 долари неделно, а им ги плаќал и пластичните операции. Парите не им ги префрлал директно на нивните банкарски сметки.
Една од девојките, Изабел Сент Џејмс, напишала и книга за животот во вилата на Хефнер, Bunny Tales: Behind the Closed Doors of the Playboy Mansion, во која го опишала понижувачкиот третман при исплатата на авторските хонорари.
„Секој петок утрото моравме да одиме во неговата соба и да чекаме додека не го собере целиот измет од кучињата од теписите. Дури тогаш ги баравме парите. Ќе извадеше 1000 долари во кеш и ни ги даваше по стотки. Парите ги вадеше од сефот од еден од неговите плакари за книги. Сите го мразеа тоа. Хеф секогаш користеше можност да каже што не му се допаѓа кај нас. Повеќето обвиненија се однесуваа на недостатокот на хармонија меѓу нас, или на нашиот недостаток на сексуално учество на забавите кои ги приредуваше во неговата спална соба. Ако од која било причина ќе бевме надвор од градот и пропуштевме некоја од службените вечери во ноќните клубови, не сакаше да ни дава пари. Тоа го користеше како главно оружје, напишала Сент Џејмс.
Хефнер се нашол и на списокот на соучесници на славниот американски комичар Бил Козби, кој е обележан како предатор, откако неколку жени го обвинија за насилство и силување.
Една од жртвите тврдела дека Козби ја силувал во 2008 година на една од забавите на Хефнер. Откри дека Хефнер знаел за екстравагантноста на Козби, но не направил ништо за да го спречи.
Напротив дури и ја запознал со Козби и на тој начин му помогнал да ја гони. А тоа не се случило само еднаш. Козби бил чест гостин во вилата на Хефнер. Друга жена тврди дека комичарот ја силувал во 1974 година, кога таа имала само 15 години.
Главната атракција за гостите, особено оние славните мажи, била злогласната пештера на имотот на Хефнер, каде постојано се случувале луди забави и непрестани оргии, во кои покрај алкохолот и дрогата, имало и голем број на убави и млади девојки.
Но, се испоставило дека низ местото се ширеле и разни болести. И тоа не само полови. На една од журките во 2011 година, голем број од учесниците сериозно се разболеле. Според „Лос Анџелес Тајмс“, здравствените власти ја откриле бактеријата legionela pneumofila, позната како легионерска болест, во една од кадите со масажа.
Според истражувањето кое го објавиле здравствените истражители, 123 лица се разболеле од грозница, а имале и најмалку уште еден симптом, како главоболка, кашлица, отежнато дишење или болка.
Клучната трага била бројката од 69 луѓе кои се разболеле истиот тој ден на 5 февруари. Тоа укажувало дека епидемијата веројатно била предизвикана од еден извор.
Интересно е дека Хефнер и понатаму се смета за борец за сексуална слобода. „Плејбој“ уште далечната 1955 година ја објавил научно фантастична приказна на Чарл Бомонт The Crooked Man, која е сместена во имагинарен свет во кој хомосексуалноста е нормална, а хетеросексуалноста е забранета, што многумина го гледаат како поддршка за правата на хомосексуалците.