Изменетата верзија на чипсетот Snapdragon 8 Gen 2, наводно, ќе биде произведена од TSMC и треба да пристигне со поголем такт на главното јадро и подобра оптимизација за телефоните на Samsung.
Samsung ќе ја претстави серијата на телефони Galaxy S23 на 1 февруари на својот настан Galaxy Unpacked. Иако веќе се познати многу информации, вклучувајќи го и фактот дека сите три модели ќе бидат придвижувани од чипот Qualcomm Snapdragon 8 Gen 2, се појави еден необичен детаљ.
Имено, целата серија Galaxy S23 треба да користи модифицирана верзија на најсилниот чипсет на Qualcomm. Според документацијата до која дојде 9to5Google, S23, S23+ и S23 Ultra ќе користат „Qualcomm Snapdragon 8 Gen 2 Mobile Platform for Galaxy“. Според тоа, тоа е чипсет направен исклучиво за телефони Galaxy, зад кој наводно стои TSMC.
Додека обичниот Snapdragon 8 Gen 2 има основно Arm Cortex-X3 јадро со такт на 3,2 GHz, модифицираната верзија на чипот за телефоните Galaxy ќе има поголем такт од 3,36 GHz. Останатите карактеристики би требало да останат исти, но дефинитивно се очекува подобра оптимизација за телефоните на Samsung.
Да потсетиме, во ноември, Qualcomm го претстави својот најсилен чипсет до сега, Snapdragon 8 Gen 2, кој ќе го најде своето место во многу од овогодинешните водечки телефони.