Паметната маска има променливи филтри, се полни во сопствениот резервоар и автоматски се дезинфицира и стерилизира.

Виртуелниот CES 2021 саем многу се разликува од претходните изданија. Покрај тоа што нема саем во живо и сè се одвива во виртуелно опкружување, нема ни некои спектакуларни нови производи. Барем засега.

Видливо е дека технолошките компании одлучиле да се справат со Ковид-19 пандемијата на свој начин. Претставена е цела низа уреди кои би требало да ги штитат корисниците од вируси и бактерии (вклучувајќи го и коронавирусот), а во исто време да им го олеснат животот и работата во „новото нормално“.

Веќе пишувавме за заштитната маска на LG, која воедно е и прочистувач на воздухот, а сега со слична идеја се претстави и компанијата Razer. Нивниот проект Hazel е всушност концепт на технолошки софистицирана заштитна маска со N95 филтер, a ќе им биде привлечна и на бројните гејмери.

Како што порачаа од Razer, маската има активна вентилација и автостерилизација, а дополнително може да се стерилизира со UV зраци во текот на полнењето во специјален резервоар. Благодарение на дополнителните филтри и дезинфекција, ова би можело да биде долгорочно решение за сите оние кои не сакаат секојдневно да ги фрлаат маските за еднократна употреба.

Во Razer мислеле и на оние кои не слушаат, туку читаат од усни, па во маската е вградено LED осветлување, што ги прави усните видливи дури и при слаба осветленост. А благодарение на специјалните аудио алгоритми вградени во самата маска, ќе биде појасно да се слушне гласот на оној кој ја носи маската.

За „удобноста“ на маската се погрижија силиконските ленти на рабовите, кои се запечатени, така што ништо не може да влезе или излезе низ маската без да помине низ филтерот.

Маската сигурно ќе им биде интересна на гејмерите, бидејќи потсетува на нешто од видео игрите, а сигурно ќе биде корисна за секој што страда од алергии или живее во големи градови, каде загадениот воздух стана опасен по здравјето. Но, вистинското прашање е кога оваа маска навистина може да се појави на пазарот и по која цена? Засега од Разер молчат за тоа.