Ники Бат, поранешниот член на славниот тим на Манчестер јунајтед кој ја освои тројната круна во 1999 (Лига на шампиони, Премиерлига, ФА куп), вели дека лутите градски ривали Манчестер сити се „голем клуб“ кој заслужено може да го повтори овој успех оваа сезона, додека Јунајтед „ставаат преврска на отворена рана“.
Сити играат во полуфиналето на Лигата на шампионите со Реал Мадрид, во финлето на ФА купот против Манчестер јунајтед (на 3 јуни), а по вчерашната победа од 4:1 над Арсенал ја имаат под контрола и трката во Премиерлигата. Бат, кој сега е директор во третолигашот Салфорд сити вели дека тие заслужуваат да се дел од историјата.
„Тие се неверојатен фудбалски клуб. Кој и да освои тројна титула ќе бидам разочаран што не сме единствени но ако го прават тоа на вистински пат, тогаш е во ред. Проектот кој го имаат 15 години, смени многу работи во градот. Сопствениците вложуваат пари во локалната заедница, градат куќи… Јас сум ‘црвен’ цел живот, но тоа мора да се признае. Донесоа менаџер кој е во топ 3 во историјата, играат неверојатен фудбал. Начинот на кој играат фудбал и тоа што го прават, не можете да кажете дека не се добри. Тоа што го направија на Баерн Минхен беше застрашувачки. Многу среќа, но не верувам дека ќе го направат тоа во стил како ние“, вели Бат за „ЕСПН“.
Тој додава дека Јунајтед се далеку зад градскиот ривал.
„Тоа е тажно, но така. Сити се уште многу зад Јунајтед како историски клуб, но да бидеме искрени бргу го надополнуваат тоа. Инфраструктурата која ја направија ќе ги служи 20 или 30 години. Најважно за Јунајтед е да се погледнат основите и темелите на клубот. Бидејќи нема поента да се купи Хери Кејн и потоа да се каже дека ни требаат четири години за титула, бидејќи тоа е ставање преврска на отворена рана. Мислам дека Тен Хаг е неверојтен тренер и дека ако има поддрша ќе направи големи работи, но тешко е да привлекувате врвни играчи ако ги немате основите на вистинско место. Во последните пет-шест години имавте фудбалери кои пристигнуваа тука само за пари“, вели Бат.