Борбата против нелегалните IPTV услуги во Европа не стивнува, а нови вести доаѓаат од Австрија и Германија.
Таму, на почетокот на годинава, беше прекинат ланецот на група која пиратски содржини, која работеше од 2016 година, дешифрирајќи ги сигналите на различни ТВ компании и стриминг сервиси и незаконски ја проследуваше нивната содржина до многубројните претплатници.
По дојава на медиумска куќа, отворена е голема истрага, а потоа е извршена координирана рација во повеќе региони во овие две земји.
Уапсени се 20 осомничени „пирати“, наводно од турска националност, кои ја организирале целата акција и формирале мрежа на препродавачи на нивните нелегални претплати за IPTV. Полицијата запленила поголема количина пиратски хардвер за стриминг, 1,6 милиони евра на 60 банкарски сметки, како и Ауди А7.
Се проценува дека само во изминатите три години овој „бизнис“ и донел на групацијата повеќе од 11 милиони евра приход, а парите потоа ги вложиле во недвижнини и разни фирми за да се обидат да го „исперат“.
Мрежата, наводно, имала најмалку 15 препродавачи во Австрија, кои опслужувале помеѓу 300 и 2.500 клиенти секој месец, а претплатите чинат 10 евра месечно.
Откако помина речиси седум месеци во притвор, групата се изјасни за виновна по неколку точки од обвинението. Тие ќе бидат осудени за измама, перење пари и кршење на авторски права, а според австрискиот закон секој од нив би можел да помине до десет години зад решетки.
Сличен процес се спроведува и во Германија, каде казните би можеле да бидат значително построги.