Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска во Софија, се сретна со неговиот бугарски колега Васил Грудев.
Двајцата директори разговарале за начинот на прилагодување и приближување, кон заедничката земјоделска политика на Европската Унија.
Бабовски, истакнал дека договорена е размена на искуства помеѓу двете институции, преку практична примена и обуки.
„За нас е од исклучителна важност проширувањето на соработката со Платежните Агенции на земјите членки од ЕУ. Ова е продолжување на веќе воспоставените соработка со Платежните Агенции на Хрватска и Словенија. На овој начин, правиме се за да ги добиеме најдобрите искуства од сите Платежни агенции кои веќе се дел од ЕУ“, истакнал директорот на македонската агенција.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во наредниот период ќе црпи искуство за начинот на спроведување на земјоделските политики по европски стандарди и имплементирање на европското законодавство.
Целата е навреме да се воспостави институционален систем кој ќе може да работи по правилата кои се утврдени од страна на ЕУ, а се во насока Македонија подготвена да ги дочека преговорите со ЕУ, како и стекнување на статусот полноправна членка.
Директорот на Платежната Агенција на Бугарија, Грудев истакнал дека спроведувањето на шемите и механизмите за финансиска поддршка и апсорпција на европските средства се од огромно значење не само за Бугарија, туку и за целиот регион.