Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваше и се обрати на официјалното отворање на затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран. Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милион евра.
„Од неколку присутни тука кога влегував слушнав иста реченица, а тоа е – никој не верувавме дека базенот по 22 години, повторно ќе биде направен и ставен во функција“. Им одговорив – ако се работи, тогаш нема недостижна цел. Затоа, почитувани стружани, стружанки, почитуван директор во ЕСМ, директорот на АСМ, почитуван пратеник и иден претседател на собранието, Јован Митрески, почитувани медиуми. По цели 20 години, го враќаме повторно она што им припаѓа на Струга и на стружани – затворениот пливачки базен – спомен на многу генерации, кој денеска и официјално се пушта во употреба“, рече Ковачевски и додаде:
„Со буџетски средства во износ од речиси 99 милиони денари или 1,6 милион евра, од корен, целосно, го реконструиравме затворениот пливачки базен во Струга, кој беше оставен на забот на времето. Сите имавме можност да ја видиме видеопрезентацијата, да видиме како изгледаше овој објект пред извесно време, а како изгледа денес, еден преубав, еден од поубавите базени во државата. Овој базен сега има модерен изглед и повторно ќе биде гордост на Струга и гордост на сите спортисти и љубители на пливањето. Затворениот пливачки базен е целосно реконструиран како дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт – ‘Изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија’. Комплетно се реконструирани базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен“, истакна Ковачевски.
Како што посочи, како и во сите други сфери, се вложува и во спортските објекти, меѓу нив и базените.
Текстот Ковачевски: Пуштен во употреба затворениот базен во Струга, инвестициите во спортот се инвестиции во здрави и напредни генерации е превземен од МАКФАКС.