Виљареал ја победи Барселона со 5:3 во луд натпревар од 22. коло во шпанското првенство на „Монжуик“ во Барселона.
Гостите водеа со 2:0, Барселона направи пресврт за 3:2, а потоа следуваше нов пресврт. Виљареал изедначи во 84.минута, а потоа ги постигна победничките голови во 99. и 102. минута.
Тренерот на каталонскиот клуб Чави Ернандез по поразот изјави дека на крајот од сезоната ќе си замине од клупата, што е дополнителен удар за Барселона, која е на третото место во Ла Лига со 44 бодови, 10 и 11. помалку од Реал Мадрид и Џирона.
Играчот од средниот ред на Барселона, Френки Де Јонг зборуваше за поразот.
„Натпреварот не беше добар за нас. Ако губите со 0:2 и потоа направите пресврт за 3:2, тогаш не смеете да загубите. Мораме да се подобриме. Вакви работи не треба да се случуваат, особено ако имате искуство”, изјави Де Јонг.
„Имаме доверба во стручниот штаб, играчите се виновни за оваа ситуација“, потенцираше Де Јонг, кој сезонава одигра 20 натпревари и постигна еден гол. Тој е во клубот од 2019 година.