Тони Надал, вујкото на Рафаел Надал и негов поранешен тренер, зборуваше за шансите на неговиот внук на Ролан Гарос. Како и секогаш не заборави да го спомне првиот светски рекет, Ѓоковиќ.
Рафаел Надал пред неколку дена објави дека ќе го пропушти турнирот во Доха, а неговиот вујко верува дека ќе биде подготвен за вториот Грен слем сезонава во Париз.
„Сè уште верувам дека Рафа ќе оди на Ролан Гарос и дека ќе го освои трофејот“, изјави Тони Надал за „Ла Секста“.
Во вториот дел од изјавата Тони Надал сакаше да биде духовит, но направи несмасна и невкусна шега за Новак Ѓоковиќ и уште неколку другите тенисери кои не ги именуваше.
„Мојата желба е Ѓоковиќ да се повреди, како и уште четворица-петмина, за да победи Рафа“.
Вујкото на Рафаел додаде дека на неговиот внук многу му значат и Олимписките игри.
„Рафаел ми кажа дека Игрите во Пекинг во 2008 година биле најдоброто искуство во неговата кариера и дека таму го освоил златото благодарение на поддршката од другите шпански спортисти и целата атмосфера која владеела таму. Тој дојде во Пекинг во лоша форма, но благодарение на Пау Гасол и поддршката од другите спортисти, тој успеа да триумфира. Нема ништо подобро од тоа да ја претставувате вашата земја“, рече Тони Надал.