Украинските пратеници денеска во прво читање го усвоија нацрт-законот со кој на затворениците ќе им се овозможи да се приклучат на армијата, што треба да ја олесни ротацијата на исцрпените војници на бојното поле по две години војна со Русија.
Предлог-законот предвидува затворениците кои ќе се приклучат на армијата да добијат условно ослободување.
Оние кои се осудени за злосторства против човештвото, сексуално насилство, убиства или злосторства против националната безбедност нема да смеат да служат војска, објави претставникот Олексеј Хончаренко на Телеграм. Собранието во прво читање го усвои и предлог-законот со кој се предвидуваат големи казни за граѓаните кои не ги почитуваат правилата за мобилизација.
Не е познато колку луѓе ќе бидат подобни за војска на овој начин кога законот ќе стапи на сила. Украинскиот парламент почна да го разгледува конечното читање на сложениот предлог-закон кој ќе го промени процесот на мобилизација по неколкумесечни критики и дебата, а гласањето се очекува во четврток.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела потпиша нацрт-закон со кој се предвидува намалување на возраста за воена мобилизација од 27 на 25 години. Украинската армија претрпе загуби чии пропорции се чуваат во тајност, а денес, за разлика од почетокот на конфликтот, се бори да најде доброволци за фронтот.
Сегашниот систем на регрутирање многу Украинци го сметаат за нефер, неефикасен и често корумпиран, а има и барања за демобилизација на оние кои долго време се на фронтот.
Текстот Затворениците во Украина ќе можат да се приклучат на армијата, парламентот го поддржа предлогот е превземен од МАКФАКС.