Тутунопроизводителите да си ги проверат сметките, денес исплатени 1,5 милијарда денари за субвенции, порача Николовски

Тутунопроизводителите да си ги проверат сметките, денес исплатени 1,5 милијарда денари за субвенции, порача Николовски

пред 6 месеци

Денеска на сметките на околу 14.300 тутунопроизводители се исплатени субвенциите за реколтата од 2023 година во вредност од близу една и пол милијарда денари. Исплатени се субвенциите за основната мерка од 80 денари и дополнителната мерка за оваа година од дополнителни 20 денари.

„Народски кажано, исплатени се субвенциите за договорен и предаден ориентиран ароматичен тутун, нашето жолто злато. Ова е најголемата исплата и најголемата поддршка на тутунопроизводителите досега, со рекордна субвенција. Ги повикувам земјоделците да ги проверат сметките и со здравје да си ги трошат парите кои се чесно заработени, а еве и чесно се исплатени на сите кои ги исполнуваат условите, без никакви притисоци, списоци, партиски поделби туку чесно и рамноправно со едно решение и една исплата во еден ден за сите тутунопроизводители“, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Откупени се вкупно 14.763 тона тутун произведен во 2023 година. Министерот Николовски вели дека немало вишоци и немало неоткупен тутун.

„Она што посебно ни значи на сите нас е тоа што заедно со земјоделците оваа година постигнавме највисока откупна цена досега. Тутунот од реколтата 2023 година има рекордна откупна цена од 365 денари по килограм за целокупната количина предаден тутун. Се исплатија субвенциите кое се зголемени за дополнителни 20 денари за сите три класи. Со тоа зголемување тутунот од прва класа првпат досега достигна вредност на субвенција од 100 денари. До 2017 година субвенцијата беше 60 денари. Најголемата количина откупен тутун и оваа година е од прва класа. Тоа значи дека ако на откупната цена од 365 денари додадеме по 100 денари за килограм од субвенцијата, се достигнува вредност од 465 денари за килограм тутун. Ова се рекордни бројки и треба да бидат рекордни“, нагласи министерот Николовски.

Од тутунот државата годишно остварува девизен прилив од над 120 милиони евра, а овој сектор вработува или ангажира над 20.000 семејства. Првпат оваа година тутунопроизводителите ќе може да пријават површини и да добијат субвенција покрај по килограм, и по површина, а со тоа се стекнуваат и со правото да добијат и зелена нафта, 12.000 денари по хектар.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Никола Бачовски, извести дека од почетокто на годинава досега на земјоделците им се исплатени над четири милијарди денари и најави дека нивните служби веќе ги прават потребните административни процедури и системски прилагодувања за почеток на новата кампања за поднесување барања за финансиска поддршка за субвенции по програмата за 2024 година.

Текстот Тутунопроизводителите да си ги проверат сметките, денес исплатени 1,5 милијарда денари за субвенции, порача Николовски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top