Гаши – Фидан: Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално партнерство и пријателство

Гаши – Фидан: Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално партнерство и пријателство

пред 4 месеци

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го прими министерот за надворешни работина Република Турција, Хакан Фидан, кој престојува во посета на Северна Македонија.

На средбата присуствуваа и генералната секретарка, Марина Димовска, и членови од пратеничката група на Собранието на РСМ за соработка со турскиот парламент, чиј претседател е пратеникот Бејџан Иљас.

Гаши притоа истакна дека Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално партнерство и пријателство. Нашите две земји, рече тој, одлично соработуваат во рамките на НАТО, а потпишан е и протокол за соработка во делот на европските интеграции.

Гаши потсети и на одличната економска соработка нагласувајќи го фактот дека Турција постојано е меѓу нашите најзначајни трговски партнери. Во тој контекст претседателот истакна дека нашиот интерес за унапредување на економската соработка и поттикнување турски инвестиции во земјата го потврдивме со испраќање економски промотор во Турција, а во таа насока работи и Стопанската комора на РСМ-РТ, МАТТО.

Претседателот на Собранието упати и лична благодарност до министерот Фидан за неговиот придонес како еден од промоторите на активностите во земјата на Агенцијата на Република Турција за соработка и координација – ТИКА, која подолго време е ангажирана во Северна Македонија и има реализирано многубројни проекти во културата, здравството, образованието, земјоделството и слично.

Соговорниците се согласија дека двете држави ги поврзуваат историски и културни врски, а граѓаните од турската заедница во земјата и граѓаните што се иселени од тука и живеат во Република Турција се мост за унапредување на односите.

На средбата беше истакната и плодната и успешна соработка на ниво на парламенти. Во таа насока, претседателот Гаши ги најави својата посета на Анкара и средбата со својот турски колега следниот месец.

Шефот на турската дипломатија, пак, му го честита на претседателот Гаши изборот на функцијата изразувајќи уверување дека овој состав на Собранието на РСМ ќе ја продолжи и продлабочи соработката со Турција на парламентарно ниво и дека таа ќе биде уште поплодна во наредниот период.

Текстот Гаши – Фидан: Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално партнерство и пријателство е превземен од МАКФАКС.