Заврши снимањето на филмот „Мајка“, режисерот Лазов очекува приказната да поттикне размислување за односите во семејството

Заврши снимањето на филмот „Мајка“, режисерот Лазов очекува приказната да поттикне размислување за односите во семејството

пред 8 часа

Снимањето на дебитантскиот краткометражен филмот „Мајка“, во режија на Ѓорѓи Лазов, е успешно завршено. Последната клапа падна вчера во општина Кисела Вода, завршувајќи го четиридневниот интензивен процес на снимање кој се одвиваше на неколку локации во Скопје.

„Мајка“ е интимна семејна драма која ја раскажува приказната за комплексниот однос помеѓу мајка и ќерка. Наративот добива неочекуван пресврт за време на Божиќните празници, кога мајката објавува оглас во весник барајќи маж со цел повторно да се омажи. Преку емотивна и комична перспектива, филмот истражува теми како што се осаменоста, љубовта, почитта и разбирањето во едно семејство.

Во главните улоги се истакнатите актери Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а актерската екипа дополнително ја збогатуваат Слободанка Чичевска, Ивица Димитријевиќ, како и дебитантката Јована Синадиноски, која за првпат се појавува на филмската камера.

Продуцент на филмот е Александар Арсовски, директор на фотографија е Никола Марковски, додека мајстор на светло е Сашко Стојановски Меанџи. За костимите се погрижи Жаклина Крстевска, сценограф на филмот е Дејан Ѓошевски а шминката и фризурата беа во рацете на Стефанија Илиевски, монтажер на филмот ќе биде Димитар Спирковски, а снимател на звук и микс Горазд Радевски.

Режисерот Ѓорѓи Лазов изјави:

„Снимањето на ‘Мајка’ беше неверојатно искуство, благодарение на посветената екипа и талентираните актери. Иако беше предизвикувачки да се заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја посакувавме. Очекувам дека оваа приказна ќе допре до срцата на публиката и ќе предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство.“

Филмот е реализиран со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, како и со сопствени инвестиции на продуцентот и продукциската куќа Скорпион Филмс но и партерски фирми пријатели од Р.Хрватска, Волфганг и Доли и Мираж продукција..

Филмот „Мајка“ е предвиден за премиера во текот на 2025 година.

 

Share
Scroll to Top