Агенцијата за бегалци на Обединетите нации очекува приближно милион сириски бегалци да се вратат во земјата во првите шест месеци од 2025 година и побара од земјите во кои престојуваат да не ги враќаат насилно.
Бунтовниците овој месец го соборија претседателот Башар ал-Асад во молскавична офанзива отворајќи го патот за можно враќање на милиони луѓе што избегаа за време на 13-годишната војна.
„Проценуваме дека еден милион Сиријци би можеле да се вратат меѓу јануари и јуни следната година и ги споделивме овие планови со донаторите барајќи ја нивната поддршка“, рече Рема Џамус Имсеис, директор на УНХЦР за Блискиот Исток и Северна Африка.
Земјите во кои живеат треба да имаат трпение, додаде таа.
„Важно е да се зачува заштитата на Сиријците, кои веќе нашле засолниште во други земји, и да се обезбеди да не бидат насилно вратени во Сирија“, нагласи Имсеис.
Запрашана за одлуката на некои земји да ги замрзнат сириските барања за азил, таа рече: „Бевме јасни кога ги советувавме да не ги враќаат. Сè уште е рано да се носат одлуки за тоа дали Сирија е безбедна и стабилна земја“.
Текстот Милион Сиријци ќе се вратат во својата земја во рок од шест месеци, тврдат ОН е превземен од МАКФАКС.






