Мицкоски: Шокиран сум како се однесувал прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

Мицкоски: Шокиран сум како се однесувал прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

пред 16 часа

По акцијата за канцерогениот мазут, во која беа уапсени 11 лица, премиерот Христијан Мицкоски денес рече дека бил шокиран од однесувањето на еден обвинител. Тој не сакаше да ги коментира судските одлуки со кои тројца добија затворски притвор, за едниот од обвинетите беше определен куќен притвор, а на другите седуммина им беа определени мерки за претпазливост, но зборуваше за „првиот човек на едно обвнителство“.

„За мене, алармантни се информациите што ги добивам, а кои се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваа МВР и БЈПБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. Мислам дека многу бргу од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна“, рече премиерот Мицкоски на камен-темелникот на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога.

Синоќа, Кривичниот суд им одреди 30 дена притвор на бизнисменот Ратко Капушевски – сопственик на фирмата РКМ, на Ерџан Сулкоски и на ексдиректорот на ЕСМ – Адријан Муча, на Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко петрол“ му одреди мерка домашен притвор, а на другите седуммина им одреди мерки за претпазливост. Осомничени се за злоупотреба на тендер за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“. Единаесеттемина вчера беа уапсени во акција што се спроведуваше во Скопје, Велес и во Кичево.

Премиерот Мицкоски рече дека ќе почека да заврши истрагата за да даде коментар за тоа дали уапсените ќе одговараат за злоупотреба на службената должност или ќе им се стави на товар и труењето на граѓаните со канцероген мазут.

Текстот Мицкоски: Шокиран сум како се однесувал прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top