Девет цивили загинаа, а четворица се повредени кога руско беспилотно летало утринава нападнало патнички автобус во близина на градот Билопиља, во североисточниот дел на Украина, соопшти регионалната воена управа на Суми.
Според првичните информации, автобусот се движел кон Суми – главниот град на регионот, кога околу 06:17 часот бил погоден од руски дрон од типот „Лансет“. Нападот се случил само неколку часа по првите директни мировни разговори меѓу Русија и Украина од 2022 година, одржани вчера во Истанбул.
„Како резултат на напад на непријателски беспилотно летало, девет лица го загубија животот, а четворица се повредени“, стои во соопштението на украинските воени власти, додавајќи дека на местото веднаш пристигнале медицински екипи, полиција и спасувачки служби.
Гувернерот на регионот, Олех Хрихоров, во видео-обраќање изјави дека нападот бил „нехуман и циничен“, нагласувајќи дека целта бил автобус полн со цивили.
Украинската национална полиција на Телеграм го нарече нападот „воено злосторство“, а објавените фотографии покажуваат речиси целосно уништен автобус со откорнат покрив и скршени прозорци.
Од руската страна, новинската агенција ТАСС пренесе дека нападот бил насочен кон област за складирање на украинска воена опрема. Министерството за одбрана на Русија тврди дека целите биле воени, а не цивилни.
Иако вчерашните мировни разговори не донесоа значаен напредок во прекинот на војната, двете страни сепак се согласија на голема размена на воени заробеници.
Текстот Девет мртви откако руски дрон удри директно во патнички автобус е превземен од МАКФАКС.