Вселенскиот лендер „Резилиенс“ на компанијата ispace денес ќе се обиде да слета на северниот дел од Месечината по шестмесечно патување. Мисијата го означува вториот обид на јапонскиот стартап да изврши меко слетување на површината на Месечината.
Слетувањето е закажано за 21:24 часот по македонско време, во регионот „Маре Фригорис“ („Море од студ“), кој се наоѓа во крајниот северен дел од Месечината. Емитувањето ќе биде достапно во живо на YouTube каналот на ispace, приближно еден час пред планираното слетување.
Лендерот беше лансиран на 15 јануари 2025 година и влезе во елиптична трансферна орбита, а потоа со помош на поминување блиску до Месечината премина во енергетски ефикасна орбита на ниска надморска височина. Успешно ги заврши сите орбитални маневри и моментално е во лунарна орбита на ниска надморска височина, од која ќе се обиде со последен маневар за слетување.
За време на автоматското спуштање, „Резилиенс“ ќе ги активира своите главни погонски механизми за да ја намали брзината и да ја прилагоди надморската височина, со цел меко слетување на „Маре Фригорис“.
Лендерот носи мал ровер наречен „Тенесиус“, дизајниран да ја истражува површината на Месечината. Исто така, носи голем број научни инструменти, првенствено од јапонскиот приватен сектор, чија цел е да собираат податоци за лунарните услови и ресурси.
Ова е втор обид за слетување на Месечината за Ispace. За време на првиот обид во април 2023 година, мисијата Хакуто-Р М1 не успеа: поради погрешна проценка на надморската височина, лендерот предвреме го намали потисокот и остана без гориво на надморска височина од 5 километри, по што слободно падна и се распадна. Тој лендер, исто така, носеше мали роботи од јапонската вселенска агенција.
Текстот (Видео) Јапонска компанија денес по втор пат ќе се обиде да слета на Месечината е превземен од МАКФАКС.