Голем број деца исчезнаа во поплавите во Тексас, потврдени 27 жртви

Голем број деца исчезнаа во поплавите во Тексас, потврдени 27 жртви

пред 19 часа

Околу 27 луѓе, меѓу кои и девет деца, загинаа во поплавите во централниот дел на Тексас, соопштија властите денеска, додека спасувачите продолжуваат со потрагата по преживеани, вклучително и десетици исчезнати од летниот камп за девојчиња.

Канцеларијата на шерифот во округот Кер  во Тексас соопшти дека повеќе од 800 луѓе се евакуирани од регионот додека нивото на водата се повлекува од подрачјето околу реката Гвадалупе, околу 137 километри северозападно од Сан Антонио.

„Нема да застанеме додека не ја најдеме и последната личност“, изјави шерифот на округот, Лери Леита, на прес-конференција.

Исчезнати девојчиња од летниот камп

Од 23 до 25 лица од летниот камп Mystic Summer се водат како исчезнати, од кои повеќето се девојчиња. Нивото на реката нагло се зголемило за девет метри во близина на кампот.

Американската национална метеоролошка служба соопшти дека вонредната состојба поради поплавите главно е завршена за округот Кер – епицентарот на поплавите, откако бурата донесе околу 30 сантиметри дожд рано во петокот. Но, за поширокиот регион останува во сила предупредувањето за поплави до 19 часот попладне.

Округот Кер се наоѓа во Texas Hill Country – рурална област позната по нерамниот терен, историските градови и други туристички атракции.

Обемна спасувачка операција

Заменик гувернерот на Тексас, Дэн Патрик, изјави дека 500 спасувачи трагаат по непознат број лица кои сè уште се водат како исчезнати, вклучувајќи и многу кои биле во подрачјето покрај реката прославувајќи го Денот на независноста.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека федералната влада работи со Тексас и локалните шерифи за одговор на поплавите.

„Меланија и јас се молиме за сите семејства погодени од оваа ужасна трагедија. Нашите храбри спасувачи сè уште се на терен и го прават она што најдобро го знаат“, напиша тој на социјалните мрежи.

Поплави без предупредување

Далтон Рајс, градоначалник на Кервил, центарот на округот, изјави за новинарите во петокот дека екстремните поплави го погодиле подрачјето пред зори, речиси без предупредување, поради што властите не успеале навреме да издадат наредби за евакуација. Реката Гвадалупе за помалку од два часа пораснала над нивото кое се смета за голема поплава.

Фото: ЕПА

Текстот Голем број деца исчезнаа во поплавите во Тексас, потврдени 27 жртви е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top