Словачка сака да ги нормализира односите со Русија и да увезува повеќе руски гас преку гасоводот Турски тек, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо пред рускиот претседател Владимир Путин. Тоа е спротивно на ставовите на Европската Унија, која до крајот на 2027 година сака целосно да се ослободи од руската енергија како казна за инвазијата на Москва врз Украина во 2022 година.
Членките на ЕУ, Словачка и Унгарија, се обидуваат да ги задржат политичките врски со Русија, која ги задоволува повеќето од нивните енергетски потреби.
„Сакам отворено да кажам дека сме исклучително заинтересирани за стандардизација на односите меѓу Словачка и Русија“, рече Фицо на состанок со Путин на маргините на одбележувањето на капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна во Пекинг. „Да се вратиме на тоа што беше нормално кога станува збор за економската соработка на државите“, додаде тој.
Турски тек е единствениот гасовод преку кој рускиот гас стигнува во Европа по експлозиите на Северен тек во септември 2022 година и откако Украина на 1 јануари ја запре транзитната рута преку својата територија.
Фицо исто така рече дека Словачка повторно почнала да издава визи на руски државјани, кои беа суспендирани по нападот врз Украина.
Тој додаде и дека земјата е заинтересирана руските компании да учествуваат во изградбата на нова нуклеарна електрана – проект кој неговата влада има намера да ѝ го додели на американската компанија Westinghouse.
Фицо најави дека во петок, во западноукраинскиот град Ужгород, ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој рече дека ќе го отвори прашањето за неодамнешните украински напади кои го запреле дотокот на руски гас преку гасоводот Дружба во Словачка и Унгарија.
Текстот Фицо до Путин: Да се вратиме на тоа што некогаш беше нормално за економска соработка меѓу државите е превземен од МАКФАКС.