Со својата впечатлива бела бетонска фасада среде море од стаклени облакодери, супервисоката кула на Авенијата Парк број 432 беше дизајнирана да биде бисер на Billionaire‘s Row во Њујорк, дел од Менхетн, кој ги привлече најбогатите купувачи на недвижности во светот.
Но, само неколку години по нејзиното завршување, станбената кула со 102 ката се соочува со сериозни проблеми: вода се пробива низ таваните, лифтовите постојано се расипуваат, а жителите се жалат дека нивните дневни соби крцкаат и се нишаат на ветерот, објавува „Њујорк тајмс“.
Надворешноста на зградата, која беше отворена во 2015 година, е преполна со стотици пукнатини, што укажуваат дека структурата е преоптоварена од ветер и дожд, според независни инженерски експерти. Иако инспекторите ја прогласија зградата за безбедна, неодамнешните извештаи доставени до градот покажуваат дека парчиња бетон недостигаат од некои од горните катови и се појавуваат нови пукнатини на носечката фасада.
Предупредувања од самиот почеток
Најверојатното објаснување за проблемите е фасцинантната целосно бела бетонска фасада на зградата, на која инсистираше тимот од архитекти и инвеститори. „Њујорк тајмс“ разгледа илјадници страници документи, кои откриваат дека инвеститорите со години изразувале загриженост за белата фасада.
Барајќи апсолутно чиста зграда, инвеститорот Хари Меклоу го ангажира уругвајскиот модернист Рафаел Вињоли. Нивната визија резултира со кула што требаше да стане највисоката станбена зграда во светот.
Дизајнот беше маркетиншки хит, 125 единици беа продадени за повеќе од 2,5 милијарди долари, а Џенифер Лопез и Алекс Родригез беа меѓу првите купувачи. Но, успехот беше нарушен од внатрешни конфликти меѓу станарите, кои не можеа да се договорат како да ги решат проблемите, без да ја оштетат вредноста на имотот. Управниот одбор на станарите поднесе две тужби обвинувајќи ги инвеститорите дека им продале неисправни единици и ги прикриваат проблемите.
Џами Шлихер, портпаролка на CIM Group, другиот инвеститор, рече дека кулата е безбедна и дека тврдењата за влошување на фасадата се неосновани и дека обвинувањата оти инвеститорот ги игнорирал ризиците се „категорично неточни, клеветнички и уште еден погрешен чекор од страна на одборот што ќе ја намали вредноста на имотот“.
„Боја или пукнатини“
Уште во декември 2012 година, четири години пред да биде завршена зградата, беше собран тим за да ја провери бетонската мешавина. Пукнатините веќе биле видливи. „Пукнатините беа веднаш видливи“, рече архитект од фирмата на Вињоли. Имејловите што сега се дел од тужбата откриваат длабоки несогласувања.
„Се движиме по опасна и лизгава патека, што верувам дека на крајот ќе доведе до неуспех и идни тужби“, напиша Џим Хер, тогашен директор во фирмата на Вињоли, во јули 2012 година.
Структурниот инженер Силвијан Маркус препорача додавање летечка пепел во мешавината за да се зголеми издржливоста, но му беше кажано: „Тие нема да прифатат летечка пепел (бојата е премногу темна)“. Маркус на тоа одговори: „Боја или пукнатини“. Тој предупреди дека излевањето треба да се запре додека не се најде соодветна смеса, во спротивно „ќе има идни проблеми што ќе бидат многу тешки за решавање“. Сепак, изградбата продолжила, а фасадата набргу почнала да покажува пукнатини и други неправилности.
Жалби од станарите
Жалбите од станарите почнаа речиси веднаш. Крцкањето ноќе, пукањето цевки, предизвикувајќи милиони штета, и неисправноста на лифтовите станаа вообичаени. Во еден случај синот на член на одборот беше заробен во лифт речиси 90 минути. Инвеститорите велат дека жалбите се претерани и дека многу од проблемите се решени.
Експертите ги гледаат многу од овие проблеми како симптоми на проблеми со дизајнот. Сите високи згради се нишаат, но супервисоките, тенки кули, се нишаат повеќе. Иако „Парк 432“ има систем на противтежа за намалување на нишањето, неговата правоаголна форма го прави помалку аеродинамичен.
Ако циклусот на влошување продолжи, последиците би можеле да бидат катастрофални. „Бетонските блокови ќе паднат, а прозорците ќе почнат да се олабавуваат“, рече градежниот инженер Стив Бонџорно. „Зградата, едноставно, станува непогодна за живеење“, додаде тој забележувајќи дека кулата сè уште не доживеала долготрајни ветрови со сила на ураган.
„Бетонски рачни гранати“
Одделот за згради на градот ја следи кулата со години. Инспекцијата од 2022 година откри небезбедни услови вклучувајќи ги и оние што се сметаат за веднаш опасни. Иако се извршени некои поправки, извештајот од април детаљно ги опишува новите пукнатини и парчињата од бетон што недостигаат.
Ентони Инграфеа, експерт за пукнатини во бетон на Универзитетот „Корнел“, ги опиша некои од недостатоците како потенцијални „бетонски рачни гранати“. „Не би потпишал како лиценциран инженер дека оваа зграда ќе трае вечно“, рече Инграфеа. „За оваа зграда, се сомневам во тоа“.
Станарите на „Парк 432“ се поделени во врска со решението. Неодамнешните процени за поправки, кои вклучуваат пополнување пукнатини и нанесување заштитен слој, надминуваат 160 милиони долари. Во меѓувреме, жителите се расправаат за причината за проблемите, од зголемените трошоци до оштетување на тепихот во вредност од 135.000 долари.
Чинг Вонг, инвеститор од Хонг Конг, кој го купи станот за 15 милиони долари во 2019 година, сега се жали на неисправни врати, расипан клима-уред и чести затворања на базените. Тој не е убеден дека најлошите проблеми се завршени. „Колку е повисока зградата, толку е подолга сенката“, рече тој.
фото: принтскрин
Текстот (Фото) Една од најлуксузните станбени згради во светот се распаѓа е превземен од МАКФАКС.






