Израелска компанија: Претставник на крадеците од Лувр нè контактираше и ни понуди накит

Израелска компанија: Претставник на крадеците од Лувр нè контактираше и ни понуди накит

пред 1 ден

Израелска безбедносна компанија соопшти дека ја контактирале крадците кои стојат зад кражбата на накитот од Лувр, нудејќи тајни преговори за продажба на украдените предмети преку „даркнет“.

Компанијата CGI Group тврди дека управата на Лувр ја игнорирала понудата, иако крадците доставиле очигледен доказ дека поседуваат дел од украдените драгоцености. Тие побарале десетици милиони евра за накитот, проценет на 88 милиони евра.

Извршниот директор на компанијата, Цвика Навех, изјави дека пет дена по кражбата (19 октомври) добиле шифрирана порака од лице кое тврдело дека ги претставува крадците: „Ни понудија преговори на даркнет за откуп на накитот, со рок од само 24 часа,“ рече Навех.

Според него, компанијата водела неколку шифрирани разговори со претставникот на крадците и добила индикации дека навистина поседуваат дел од предметите.

„Беа во бегство и морале брзо да се ослободат од пленот“, додаде тој.

Навех преку посредник се обидел да ја извести управата на Лувр, но вели дека тие шест дена не реагирале: „Го изгубивме кредибилитетот кај крадците, а Лувр ја пропушти вистинската шанса да го врати накитот. За жал, изгледа дека егоизмот и двоумењето ја одиграа својата улога.“

Тој потсетува дека уште пред неколку месеци во интервју за италијанскиот весник „Ил Темпо“ предупредил на дискусии на даркнет што упатувале на планови за грабеж во музејот.

Некои извештаи наведуваат дека CGI Group учествува во истрагата, но од Лувр негираат дека имале директен контакт со компанијата. Тие велат дека комуникацијата најверојатно се одвивала преку италијанската подружница, која можеби ја ангажирала осигурителна фирма поврзана со музејот.

Во кражбата крадците провалиле во една од најраскошните сали на Лувр и побегнале со кралски накит, меѓу кој се наоѓа смарагдно-дијамантска огрлица што Наполеон I ѝ ја подарил на својата сопруга Марија Лујза, како и тијара со 212 бисери и речиси 2.000 дијаманти што ѝ припаѓала на царицата Евгенија.

Досега се уапсени неколку лица, но украдениот накит сè уште не е пронајден.

Текстот Израелска компанија: Претставник на крадеците од Лувр нè контактираше и ни понуди накит е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top