Египет се подготвува за голема транспортна трансформација со воведување на нова национална мрежа на брзи возови. Siemens Mobility ја претстави новата генерација на возови Velaro, прилагодени за пустински услови, со брзина до 250 км/ч, пишува CNN.
Вкупно 41 ваков воз ќе бидат дел од мрежа долга 2.000 километри, развивана во партнерство со Arab Contractors и Orascom Construction. Железницата ќе има три линии што ќе поврзат голем дел од египетските градови, со што брзите возови ќе бидат достапни за речиси 90% од населението. Siemens најавува дека времето на патување ќе се скрати за 50%.
Возовите се произведуваат во Германија и се оптимизирани за екстремна топлина, песок и прашина.
Покрај Velaro, свој прв тест-пат го имаше и регионалниот воз Desiro High-Capacity (160 км/ч), на дел од т.н. „Зелена линија“ — 660 километри долга траса наречена „Суецки канал на шини“, која ќе ги поврзува Црвеното и Средоземното Море. Се очекува значително зголемување на товарниот капацитет на земјата.
Египетскиот министер за транспорт Кемел ел-Вазир го нарече проектот „клучен момент“ за модернизација на транспортниот систем, кој ќе го подобри патувањето и ќе ја зголеми поврзаноста помеѓу градовите.
И другите африкански земји инвестираат во брзи железници: Мароко веќе има линија до 320 км/ч, Нигерија работи на проект од 60 милијарди долари, а Африканската унија планира континентална мрежа како дел од Агендата 2063.
Текстот Пустински брз воз со 250 километри на час – Египет влегува во ерата на железничка трансформација е превземен од МАКФАКС.






