САД и Украина изготвија „дополнет и доработен мировен план“ за завршување на војната со Русија, соопштија двете земји во заедничка изјава објавена по разговорите во Женева, во кои учествуваа и европски претставници.
План прилагоден на украинските барања?
Се чини дека двете страни го базирале планот на претходен план изготвен од американската влада, кој Киев и неговите сојузници го сметале за премногу поволен за Москва, според Ројтерс.
Во заедничка изјава објавена по разговорите на американските и украинските делегации во Женева, двете страни изјавија дека одржале „исклучително продуктивни“ разговори, додавајќи дека ќе ги продолжат во наредните денови. Тие не открија детали за голем број спорни точки што мора да се решат, вклучително и прашањето за безбедносните гаранции за Киев.
Сепак, Белата куќа објави во посебна изјава дека новата верзија на мировниот план вклучува посилни безбедносни гаранции и дека украинската делегација изјавила дека новиот план „ги одразува нивните национални интереси“. Украинските претставници не издадоа посебна изјава и не беа веднаш достапни за коментар, објави Ројтерс.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ги водеше разговорите, во неделата изјави дека е „многу оптимист“ за постигнување договор за Украина „многу брзо“.
Страните вклучени во разговорите постигнаа значителен напредок, рече Рубио, истакнувајќи дека конечниот договор ќе мора да биде договорен од претседателите и дека сè уште има неколку прашања на кои треба да се работи.
Ќе продолжи да се работи на мировниот план денес, изјави американскиот државен секретар во неделата, истакнувајќи дека разговорите траат веќе три недели, но значително се забрзале во последните четири дена.
Според два извори запознаени со ова прашање, американските и украинските претставници наводно разговараат и за можна посета на украинскиот претседател Зеленски на Вашингтон уште оваа недела за да разговараат за мировниот план со претседателот Трамп, но сè уште не е потврден датум.
фото: принтскрин
Текстот Америка ги прифати барањата на Украина за мировниот план? „Договорот е се поблиску“ е превземен од МАКФАКС.






