Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција обвини дека кадри на СДСМ и ДУИ во ЕСМ снабдување со топлина биле инволвирани во криминал тежок неколку милиони евра.
Според Петрушевски, тендер вреден осум милиони евра завршил во фирма која, како што рече, била однапред договорена од Бујар Дардишта, кадар на ДУИ, а именуван од СДСМ. Тој тврди дека по договорениот тендер, директорот заедно со уште 32 лица испрале два милиони евра, пари на граѓаните.
Петрушевски посочи и дека во Надзорниот одбор на ЕСМ снабдување со топлина била и ќерката на тогашниот претседател на Собранието Талат Џафери.
Тој ги повика СДСМ и ДУИ да одговорат каде завршиле, како што наведе, испраните два милиони евра, дали лица од тогашниот врв на двете партии се вмешани во случајот и зошто не се оградуваат од наводите. Петрушевски побара и Јавното обвинителство да постапува независно и одговорно.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ со сериозни обвинувања за перење 2 милиони евра во ЕСМ: „Кадри на СДСМ и ДУИ вмешани во криминал“ е превземен од МАКФАКС.






