За да се овозможи целосно уживање во убавините на градот, Општина Битола во соработка со Министерството за култура и туризам, а согласно законската регулатива, воведува новини кои дополнително ќе ја зголемат неговата привлечност и функционалност.
„Со цел да се одговори на потребите на бројните туристички групи кои го посетуваат градот за време на викендите и празниците, се овозможува непречена работа на трговските објекти во најфреквентните зони, дефинирани како туристичко-културолошка атракција. Ова значи дека сите трговски објекти лоцирани на Широк Сокак сега ќе можат да ги услужуваат посетителите и во недела и за време на празници, нудејќи им можност за купување и на автентични сувенири во секое време“, велат од Општина Битола.
Оваа потреба е поддржана со законските регулативи и известувањата од Министерството за култура и туризам, според кои Широк Сокак и Старата битолска чаршија се дефинирани како значајни туристичко-културолошки атракции.
Како дел од заштитеното старо градско јадро, овие локации имаат статус на туристички места од висок ранг, што овозможува исклучоци во трговската дејност во корист на развојот на локалниот туризам.
„Битола не е само град на историјата, туку и град кој живее за своите гости. Со овозможувањето на работата во недела и празници на Широк Сокак, се создаваат услови за комплетно туристичко доживување кое доликува на еден модерен европски центар“, велат од Општина Битола.
Текстот Продавниците на Широк Сокак ќе работат и за време на празниците и во недела е превземен од МАКФАКС.






