Италија: Мајка и ќерка починаа по вечерата на Бадник, таткото е во сериозна состојба

Италија: Мајка и ќерка починаа по вечерата на Бадник, таткото е во сериозна состојба

пред 4 часа

Во италијанскиот град Kампобасо се случи тешка семејна трагедија во која 15-годишно девојче и нејзината мајка починале, откако ненадејно се разболеле, додека таткото бил хоспитализиран со сериозни симптоми. Се сомнева дека причината е труење со храна по вечера, а обвинителството покрена истрага за да се утврди точниот причинител, пишува „Кориере декла села“.

Градот Кампобасо е потресен од трагедијата во која, во рок од само неколку часа, починале 15-годишната Сара Ди Вита и нејзината мајка, 50-годишната Антонела Ди Јелси, додека таткото, 55-годишниот Џани Ди Вита, е примен во болница во тешка здравствена состојба.

Сара Ди Вита починала во саботата навечер во болницата „Кардарели“ во Кампобасо. Неколку часа подоцна, во неделата наутро, во истата здравствена установа починала и нејзината мајка. Таткото исто така бил хоспитализиран поради сериозни здравствени тегоби и се наоѓа на лекување.

Семејството, кое живее во местото Пјетракатела, со денови се чувствувало лошо, но според достапните информации, по две интервенции на Итната медицинска помош биле вратени дома, бидејќи нивната состојба во тој момент не била оценета како загрижувачка. Сепак, во саботата попладне состојбата нагло се влошила. Поради силни болки повторно побарале лекарска помош, по што Сара и нејзиниот татко биле итно сместени на Одделот за интензивна нега, додека мајката била примена на интерно одделение.

И покрај напорите на лекарите, на младата ученичка од класичната гимназија не ѝ било спас и таа починала околу 22:30 часот. Единствен член од семејството кој не покажувал никакви симптоми е нивната 20-годишна ќерка.

Истрагата насочена кон бадниковата вечера

Според првичните сознанија, истражителите ја разгледуваат можноста трагедијата да е поврзана со вечерата на Бадник, на која биле послужени риба, морски плодови и школки. Дополнителна недоумица создава фактот што на истата вечера присуствувале и други гости кои не пријавиле никакви здравствени проблеми.

Обвинителството во Кампобасо наложило обдукција на телата на мајката и ќерката, со цел да се утврди дали станува збор за труење со храна, силна алергиска реакција или некоја друга причина. Случајот го истражува мобилна полициска единица.

Трагедијата длабоко ги потресе жителите на Пјетракатела, каде семејството Ди Вита било добро познато. Таткото Џани, по професија сметководител, со години бил активен во локалната политика и извршувал функции како општински советник и градоначалник. Актуелниот градоначалник Антонио Томазоне изрази сочувство до семејството.

„Шокирани сме, ова е трагедија што нè остави без зборови. Целото место е во неверување и во име на заедницата изразувам длабоко сочувство до семејството“, порача тој.

Текстот Италија: Мајка и ќерка починаа по вечерата на Бадник, таткото е во сериозна состојба е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top