Почнува Минхенската конференција – за прв пат без учество на Русија

пред 2 години

За прв пат од 1991 година денеска без официјално учество на Русија ќе започне Минхенската безбедносна конференција, а една од главните теми ќе биде, покрај тензиите меѓу Москва и Киев, и ситуацијата на Западен Балкан.

Претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, кој на крајот на годинава се повлекува од оваа функција, оцени дека отсуството на делегацијата од Русија е грешка. Тој нагласи дека никој не и се заканува на Русија.

Меѓу бројните учесници на собирот, кој по паузата поради пандемијата повторно ќе се одржи „во живо“, се и потпретседателката на САД Камала Харис, министерот за надворешни работи на САД Ентони Блинкен и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Конференцијата ќе ја отвори генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

На тридневниот собир ќе учествуваат околу 30 шефови на држави и влади, како и повеќе од 80 министри.

Според востановената традиција, конференцијата што се одржува во хотелот „Бајрисшер Хоф“ ќе се одржи со почитување на епидемиолошките мерки, а наместо вообичаените 2.000 учесници, годинава ќе присуствуваат 600 лица, кои мора да бидат вакцинирани и да направат ПЦР тест.

Во фокусот на конференцијата ќе бидат украинскиот конфликт, нуклеарниот договор со Иран и ситуацијата на Западен Балкан.

Share
Scroll to Top